Речиси 18.000 граѓани побарале отпис на долговите
Интересот за отпис на долговите е голем, а досега 17.600 граѓани поднеле барања да им бидат простени долговите заради тешката економско-социјална положба во која се наоѓаат, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Тој денеска ги потпиша договорите со компаниите-доверители кои доброволно се приклучија кон владиниот проект и одлучија да им ги простат долговите на граѓаните од социјално ранливите категории. Меѓу нив се банките, ЕВН, компании за дистрибуција на топлинска енергија, нотарите и извршителите.
„Во тек е пријавувањето на граѓаните за отпис на долговите, заклучно со денес пријавени се вкупно 17.600 лица, односно барања за отпис. Станува збор за висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври до кога ќе трае рокот на пријавување да имаме значителен број на граѓани кои дополнително ќе поднесат барање“, рече Ставрески.
Дневно пристигнуваат меѓу 1.500 и 2.000 барања за отпис од центрите за социјална работа низ Македонија. Станува збор за еднократен отпис на долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година по основ на долгови кон банките, ЕВН и ЕЛЕМ, долгови кон Топлификација и МРТВ.
Со оваа мерка се опфатени приматели на социјална помош, невработени лица подолго од 12 месеци и активно бараат работа и лица кои доколку поради смрт или тешка болест во семејството не можеле да ги отплаќаат своите обврски.
Слично
