РЕБАЛАНСОТ ВО СОБРАНИЕ: Пари за лошите и задолжени општини
Ребалансот на буџетот од денеска влегува на комисиска расправа во Собранието. Владата го подготви за да смени позиции на расходната страна, откако стана јасно дека реализацијата на капиталните трошоци е катастрофална. Дел од парите кои беа наменети за инфраструктурни проекти ќе бидат наменети за општините.
Со ребалансот Владата ќе им даде на задолжените општини три милијарди денари за да платат 51 отсто од пријавените неплатени обврски.
Додека експертите критикуваа дека со ова се поддржува неодговорноста на градоначалниците, министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека ова е поддршка за сега. Во иднина ќе се обезбедел и воспоставил механизам за проблемот со задолжувањето веќе да не се повторува. Според него, ќе се вбризга ликивдност кај фирмите и ќе се направи простор за нови проекти.
Општините, ќе може да ги проектираат сопствените приходи на основниот буџет со најмногу 10 отсто раст од просечната реализација во последните три години.
-Долговите од 5,1 милијарда денари за една година се намалени на 1,5 милијарди и сега институциите може нормално да функционираат. Главна причина за неплатените обврски досега беше нереалното проектирање на буџетите на општините. Се креирале огромни буџети и се преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Сега воведуваме механизам со кој ова ќе се спречи. Ќе ставиме ред за проблемот да се реши, но и за да се превенира во иднина, вели министерот.
