Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ребалансот експресно помина во Собрание

Ребалансот експресно помина во Собрание
Иако Деловникот дозволува расправата да трае пет дена, пратениците уште денеска за само три часа го изгласаа ребалансот на Буџетот за 2014 година. За корекцијата на државната каса 71 пратеник гласаше „за“, а ниту еден не беше „против“ или „воздржан“. Со ребалансот се намалуваат приходите и расходите за помалку од 2 отсто. Буџетскиот дефицит се зголеми од 3,5 на 3,9 отсто од БДП или во пари, буџетската дупка порасна од 297 на 319 милиони евра. Очекуваниот економски раст се ревидира од 3,2 отсто на 3,5 отсто. За вицепремиерот Зоран Ставрески, станува збор за мини-ребаланс со кој ќе се обезбедат повеќе пари пред се за инфраструктурните проекти. Парите за плати на јавната администрација се намалени за 1,2 милиони евра. „И со измените, со ребалансот што се предлага, буџетот и натаму ќе остане на основните параметри и на основните цели кои што се зачувување на фискалната и макроекономската стабилност и поддршка на економскиот раст преку инфраструктурни проекти“, рече Ставрески. Дебатата не беше жестока, бидејќи отсуствуваа пратениците од опозицијата кои ја бојкотираат работата на Собранието, а во салата не беа ниту „одметнатите“ пратенички кои ги прифатија мандатите. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, потенцираа дека додека европската економија се соочува со нови ризици од украинската криза, Македонија може да се пофали со успех на економски план. „Не е мала работа Македонија да има највисок раст на БДП во Европа од 3,9 проценти, во време кога повторно има проблеми во европската економија, навистина тоа е голем, голем успех“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО – ДПМНЕ. „Со инвестициите во инфраструктурата се обезбеди работа за сите наши градежни компании, дури и има недостиг од работници во градежниот сектор“, рече Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија, правејќи паралела со Германија, каде што „замрела инвестициската активност, поради политиката на штедење“. Надвор од парламентот, пак, во Тетово, пратениците од ДПА на прес-конференција реагираа дека „Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ носи уште еден ребаланс на државен буџет, со што се легализира кражбата на албанскиот дел во буџетот“. Од таму истакнаа дека тие, како пратеничка група и како единствена опозиција на Албанците, не се согласуваат со ребалансот.
Слично

Поврзани вести