РЕБАЛАНС: Владата скрати пари во образование и финансии, повеќе ќе има за здравство
Владата во петокот го усвои ребалансот на буџетот чија главна цел беше да се скратат непотребните трошоци и да се обезбеди непречено функционирање на државната каса.
Главниот рез е направен кај непродуктивните трошења за патувања, репрезентации, економски промоции, рекламирања, набавка на мебел, возила а според владата со буџетот ќе се обезбеди стабилно финансирање на 2017 година.
Според надлежните намалувањето изнесува само 47 милиони евра. Се што преостанува на трезорската сметка или ќе се пренамени или пак, ќе мора да се искористи за почитување на сите претходно договорени обврски кои ги направила владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Така Владата предводена од Заев реши повеќе пари да одвои за здравство, социјала, економија и МНР, додека пак скрати во централниот буџет на министерствата за одбраната, образование, финансии, полицијата, правда, транспорт и земјоделие.
Проекцијата на приходите е намалена од 187,6 милијарди денари на 184,7 милијарди денари. Кај расходите, проекцијата е намалена од 206,2 на 203,3 милијарди денари, а дефицитот останува проектиран на 18,6 милијарди денари или 2,9 отсто од БДП.
Ребалансот ги сецна и парите кои беа наменети за шефот на државата , кој сега на располагање од државната каса ќе има помалку 95 илјади евра.
За 2,5 милиони евра Владата ги зголеми расходите на Министерството за информатичко општество додека кај Агенцијата за спорт и млади за дополнителни 1.5 милион евра.
Полицијата добива 6,7 милиони евра помалку на расходната страна, а 3 милиони евра Агенцијата за странски инвестиции.
3,7 милиони евра помалку за финансирање ќе има културата додека ребалансот му скрати и 21 милион евра помалку на образованието. Судската власт во својот централен буџет има на располагање помалку половина милион евра.
„Субвенционирање на Македонската радио телевизија со укинување на радиодифузната такса и ослободување на граѓаните од оваа јавна давачка. За оваа намена со Измените и дополнувањата на Буџетот за 2017 година обезбедени се 200 милиони денари. – се наведува во ребалансираниот буџет.
Со ребалансот ќе се опфатат стечајните рабтниците, како и субвенциите за зголемување не минималната плата на 12.000 денари од 1 септември. Со минималната плата треба да бидат опфатени 70 илјади граѓани.
Премиерот рече дека досега е откриен скриен долг кон стопанството од 400 милиони евра но тој долг се очекува да расте, затоа што не се „детектирани“ сè уште сите долгови.
