Реакции од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за недоаѓањето на Јанева во Собрание
Комисијата за политички систем денеска ја одложи седницата во Собранието, на која требаше да се разгледува извештајот на СЈО, заради недоаѓањето на специјалната обвинителка, Катица Јанева.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е прв пат во плурална Македонија, именувано лице да не се појави и да не го образложи извештајот за својата работа и за работата на институцијата која ја раководи. Ја обвинуваат Јанева не ги почитува институциите и Уставот.
„Очекував дека Катица Јанева е свесна за својата одговорност и свесна дека конечно мора да почне да работи врз база на законите и Уставот. Жалам што денеска не ја искористи можноста да дојде пред пратениците, како избраници на граѓаните и да даде целосен и прецизен извештај за својата работа. На овој начин Катица Јанева дозволува да биде разбрано дека таа не работи ниту според Устав, ниту според закони. Нема причина да се плаши и да не доаѓа во Собранието ако сите нејзини постапки се законски и се темелат на факти и докази. Бегањето од Собранието е бегање од себе и од обврската да поднесе извештај“- вели Владимир Ѓорчев, претседател на комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Очигледно е дека најавата за први обвиненија содржана во извештајот на Специјалното обвинителство создава паника во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и токму денешното поведение на претседателот на комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Ѓорчев е доказ за тоа, велат од СДСМ.
„Очигледно е дека ВМРО ДПМНЕ и нема намера да дебатира по извештајот на Специјалното јавно обвинителство. Потврда за тоа е и досегашната пракса на ВМРО ДПМНЕ, согласно која извештаите од јавните обвинители никогаш не се разгледувани во изминативе години. Разгледувани се само извештаите на Советот на јавни обвинители, но не и на Јавниот обвинител на Република Македонија. Значи, при исти законски обврски на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски да доставуваат извештај за својата работа во Собранието. Ѓорчев за денес закажа седница за извештајот на Специјалното јавно обвинителство кое го добивме на 15 март оваа година, а се уште нема закажано седница за извештајот на Марко Зврлевски доставен на 23 јуни минатата година“- додаваат од СДСМ.
Ставот на СДСМ е дека за двата извештаи оваа kомисија и Собранието треба да расправаат.
Слично
