Реакција на „Комерцијална банка“ на текстот на „Фактор“- „Пливаат ли банките во пари? Зошто се намалуваат депозитите кај најголемите банки?“
„Комерцијална банка“ испрати допис до редакцијата на „Фактор“ во кој реагира на текстот „Пливаат ли банките во пари? Зошто се намалуваат депозитите кај најголемите банки?“.
Во прилог ви ја испраќаме целосната реакција од Банката.
„Во денешната објава на текстот „Пливаат ли банките во пари? Зошто се намалуваат депозитите кај најголемите банки?“, потпишан од Р.Ф. (претпоставуваме дека се работи за редакциски текст) имате направено неколку пропусти, грешки или погрешни толкувања на податоци за вкупните депозити на банките, но и на поединечни банки, како што е за Комерцијална банка АД Скопје. Сакаме да укажеме дека со вакво пренесување на податоците нанесувате штета не само на поединечни банки туку и на севкупниот банкарски сектор за кој наведувате дека „Депозитната база во четирите најголеми банки во земјава во првата половина година е помала за 56 милиони евра во споредба со истиот период лани,...........“ Особено што не ги наведувате официјалните извори од кои ги црпете податоците.
Нагласуваме дека на ниво на актива кај сите посочени банки има зголемување, како и кај депозитите на поединечните банки споредено 30.06.2016 со 30.06.2017. Конкретно Комерцијална банка АД Скопје во споредбениот период има зголемување на депозитите од 5,777 милијарди денари, а не намалување како што наведувате за 1,11 милијарди денари помалку од истиот период лани.
Имено, се работи за податоци кои веруваме сте ги користеле од Македонска берза, но споредбата на депозитите која ја објавувате не се однесува на периодот јуни 2017 - јуни 2016 година, туку јуни 2017 во однос на декември 2016 година.
Укажуваме дека треба да направите корекции и наместо 30.06.2016 да стои 31.12.2016 година и наместо „во однос на истиот период минатата година“ да стои „во првото полугодие од 2017 година“.
Во продолжение од „Комерцијална банка“ посочија извор од НБРМ како најрелевантни за истражувањето:


Објаснување од „Фактор“ во врска со реакција на „Комерцијална банка“:
Редакцијата „Фактор“ во рамки на својата мисија за целосно и објективно информирање на јавност секогаш се води од принципот да објавува факти и податоци кои се објавени. Во случајот со текстот што е предмет и на интерес на „Комерцијална банка“ податоците се официјални нивен извор е интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Во ексел табелите во заглавијата е наведено „период на известување 01.01.-30.6“, а во почетните ќелии на колони пишува „тековна година“ и „претходна година“. Од вака дадени податоци се заклучува дека тие се однесуваат на првото полугодие годинава и на првото полугодие лани. Доколку било наведено дека во втората колона податоците се однесуваат на 31.12 претходната година, грешка немало да настане.
Со почит, редакција „Фактор“
