Развојот на земјава заглавен во политичките стеги на партиите
Слободата на медиумите, случувањата на 24-ти декември, како и ставањето на политичките пред националните интереси се црни дамки за Македонија пред европските институции. За време на својата посета на Македонија, Еврокомесарот Штефан Филе порача дека сите политички сили треба да останат посветени на евроинтеграцијата за таа да не остане таа заложник на нивниот политички натпревар. Тој побара спроведување на договорот од 1-ви март, а посочи и дека политичарите се тие кои ја создадоа кризата, па тие треба и да ги надминат нејзините ефекти со целосно спроведувањето на овој договор.
Осврнувајќи се на инцидентите од 24 декември еврокомесарот ги искара пратениците од двете страни дека трошат повеќе енергија за докажување кој е повиновен, наместо да работат за интеграцијата на Македонија во ЕУ.
„Не дојдов да слушам колку некој чекал пред врата за да влезе во салата за седници туку битно е до кога планирате да чекате пред вратата на ЕУ “, рече Филе кој посочи дека самиот факт што веќе трет пат доаѓа во Македонија е знак дека нешто не чини. Тој додаде и дека како изминува времето нема подобрување на имиџот на Македонија во очите на Брисел и на главните градови на земјите - членки на ЕУ. „До која мера мислите дека тоа што ние го видовме од настаните од 24 декември е знак за ослабување на најважните демократски институции во вашата земја? Извештајот не е готов, а вие само што придонесовте за него", истакна Филе. По средбата со еврокомесарот, македонскииот премиер Никола Груевски посочи дека Македонија има солидни резултати и аргументи за позитивен извештај на јунскиот Самит и покрај политичките притисоци со кои се соочува. Тој рече дека има добри резултати во петте клучни области од Пристапниот дијалог на високо ниво, а Владата работи за унапредување на добрососедските односи. „Никој повеќе од Македонија не сака да се надмине последната пречка која стои на патот на нејзините евроинтеграции. Верувам дека Пристапниот дијалог на високо ниво и отворањето на преговорите со Македонија ќе биде дополнителен импулс за создавање услови за решавање на наметнатиот спор со Грција зашто Македонија останува посветена, посочи Груевски. Пролетниот извештај на Европската комисија треба да биде презентиран на 16 април. Во меѓувреме додека политичарите се расправаат, фактите остануваат. Македонија е земја со невработеност од 30 %, расте бројот на младите кои си заминуваат од земјава, а сиромашни се една третина од населението. Најавите за нови инвестици се бројни, но во реалноста тешко се остваруваат.