РАЗМЕНА НА ТЕРИТОРИИ: Србија да го земе делот северно од Митровица, а Косово Прешевската долина
Повторно се отвора темата за размена на територии меѓу Косово и Србија.
Дописникот на МИА од Белград јави дека градоначалникот на Бујановац Нагип Арифи изјавил дека размената на територии меѓу Косово и Србија би била фер.
Како што соопшти Косово онлајн, Арифи кажа дека „би било коректно Србија да го земе делот северно од Митровица, а Косово Прешевската долина (Бујановац, Прешево и Медвеѓа)“.
Арифи рече дека ова прашање го покренал на почетокот на средбата со косовскиот вицепремиер Бесник Бислими во понеделникот во Бујановац. Вели дека Бислими „не одговорил и можеби бил изненаден во тој момент“.
„Претседателот Вучиќ (Александар) секогаш спомнуваше компромис и веројатно мислеше на такво нешто. Меѓутоа, тој смета дека само дел од Прешевската долина треба да му се даде на Косово и за возврат да го добие северот, но целата долина треба да му се даде на Косово“, изјави Арифи за приштинска „Коха“.
Арифи додаде дека е оптимист дека „еден ден ќе има размена на Прешевската долина за северот на Косово“ иако, како што рече, за ова не ги контактирал српските лидери. Тој побара на следните средби со српската страна да се разговара за проблемите на Албанците во Србија. Оваа идеја и претходно беше споменувана, но таа предизвика тензија и во други земји од регионот и страв дека размената на територии може да ја отвори „Пандорината кутија“.
