РАЗЛИЧНО ТОЛКУВАЊЕ: Дали хонорарците ќе се бришат од евиденција на невработени?
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и првиот човек на Агенцијата за вработување Влатко Поповски различно го толкуваат законот според кој од Нова година и хонорарците ќе треба да плаќаат придонеси на остварените приходи.
Според Спасов, хонорарците ќе останат во евиденција како невработени, а целта на законското решение е само да се зголеми нивната социјална сигурност.
„Не се планира да се бришат невработените, туку со законските измени планиравме да обезбедиме само социјална сигурност за овие лица. Но подобро е да ви појасни директорот на Агенцијата“, рече Спасов на заедничка пресконференција со Поповски.
Само неколку моменти подоцна, првиот човек на Агенцијата за вработување даде поинакво толкување - од евиденцијата на невработени ќе се бришат хонорарците кои остваруваат приходи поголеми од минимална плата.
„Согласно законот ќе се бришат само оние невработени кои остваруваат вкупен годишен приход од хонорари од 105.000 денари или земаат хонорар еднаков и повисок од минималната плата. Ќе бидат избришани и оние вработени кои нема да ја информираат Агенцијата за договорите кои ги потпишале за хонорарно работење. Законот пропишува, невработените кои потпишале договор на еден месец, три или на повеќе месеци редовно да информираат за потпишувањето на договорите. Ако не го сторат тоа, при проверка од страна на Агенцијата, ако се утврди дека ја скриле информацијата ќе бидат избришани од евиденцијата во траење од една година“, појасни Поповски.
На два месеци до официјалното стапување на сила на овие законски одредби, во јавноста се уште остануваат многу дилеми во врска со нивната примена. Според последните појаснувања, функционерите, судиите, советиците и спортистите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси.
Слично
