РАЗДОР ПОРАДИ МИГРАНТИТЕ: Европски политичари ги критикуваат „несолидарните“ членки на ЕУ!
Австрискиот канцелар Вернер Фајман и претседателот на ЕП Мартин Шулц денеска критикуваа поедини земји членки на ЕУ поради несолидарноста во врска со проблемот на бегалците и поради тоа најавија „интересна дебата во буџетот“.
Тие, во одделни интервјуа за виенски дневник „Естерајх“, оцениле дека „низа земји не ја преземаат својата одговорност“.
-Таканаречената бегалска криза не раздели. При тоа не би било тешко праведно да се распоредат милион луѓе. Бранот на бегалци може да стане криза, бидејќи не го делиме теретот и го запоставуваме духот на солидарноста на ЕУ- предупредува Шулц.
Земјите како Шведска, Австрија и Германија даваат голем допринос и покажуваат солидарност, но низа земји од ЕУ не ја преземаат одговорноста туку се однесуваат како тоа да не се однесува за нив, нагласил тој.
Фајман потсетил дека меѓу несолидарните земји претежно се оние кои се таканаречени „нето примачи“на средства од ЕУ.
-Земјите кои сега не прикажуваат солидарност би требало да ги потсетиме дека се нето-примачи кои добиваат поттикнувања во други области. Солидарноста не е еднонасочна улица-укажал тој.
Шулц оценил дека би требало да се размисли за понатамошни исплати на поттикнувања на несолидарните земји.
-Поедини земји бараат солидарност и ја добиваат, на пример преку средства од ЕУ, но не се спремни од своја страна да бидат солидарни. Такво однесување не е прифатливо. Солидарноста е еден од основните принципи на ЕУ-подвлекол тој.
Шулц истакнал дека поради тоа во 2016 година ќе биде водена интересна дебата за буџетот.
Фајман и Шулц се единствени во отфрлањето на партиите кои сакаат да профитираат од тероризмот.
-Доживеав перфидна аргументација дека бегалците се терористи. Не смееме да дозволиме некој да шири страв и бегалците да ги стави под општо обвинување. Тие популисти, како што е онаа жена, која во Франција сака да стане претседател, за сите имаат некое жртвено јагне, но изгледа ништо не прават за решавање-нагласил Шулц.
Фајман рекол дека десничарските националисти, ако добијат мнозинство, би ја уништиле ЕУ, поради што се потребни заеднички решенија.
-Каде не води омразата видовме во минатиот век-заклучил тој.
