Рауфи: Нападите во Куманово требаше да ја дефокусираат јавноста од „бомбите”
Случајот „Диво насеље“ требаше да ја дефокусира јавноста од „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата, рече денеска еден од бранителите на обвинетите во случајот „Диво насеље“, Насер Рауфи, по денешното рочиште.
-Додека пак, за решителните факти, ние сметаме дека има едена генеза, значи една поврзаност на настаните кои што се и Диво насеље со бомбите, тнр „бомби“, прислушуваните разговори. Јас и обвинетите сме убедени дека со овие настани сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори. Убедени сме дека се работи за структури кои во понатамошниот тек на постапката ќе ги наведеме со име и презиме, рече адвокатот Рауфи.
На денешното прво рочиште за овој случај, воведни зборови даде одбраната на осумнаесет од обвинетите, а следното рочиште е закажано за во четврток.
Обвинетите за нападот на полициската станица во Гошинце и Диво Насеље не ги признаа делата тероризам и организирање на терористичка група. Најголем дел се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни, а дел тврдат дека никогаш не биле во Гошинце и Куманово.
Нивните адвокати бараа одложување на главниот претрес бидејќи според нив истрагата не била завршена, а специјалното обвинителство требало да се изјасни дали ќе го преземе предметот.
Јавниот обвинител Наум Паноски пак, во воведниот говор посочи дека обвинетите на 21 април минатата година маскирани и вооружени го извршиле нападот врз полициската станица во Гошинце, а подоцна извршиле напад врз специјалните полициски сили кои по налог требало да извршат претрес во кумановско Диво Насеље. Според обвинението, криминално-терористичката група прво фрлила рачна бомба кон специјалците, а потоа отвориле оган од автоматско оружје.
При нападот загинаа 8 полицајци и 42 беа тешко повредени