Ратите за патиштата стануваат се поголеми
Кредити од 10,2 милијарди денари, или околу 167 милиони евра странски годишни кредити ќе користи ЈП за државни патишта во 2019-та од Светска банка, ЕБОР, кинеската Ексим Банка и Европска инвестициона банка, според објавената програмата на ова претпријатие за годината што е пред нас. Истовремено ќе вратиме три и пол пати помалку пари кон странските кредитори во однос на она што ќе ни го дадат, со тоа што ратата за основниот долг станува се поголема и е многу повисока во однос на минатите години.
Кредитот од 1,9 милијарди денари од Светска Банка е за рехабилитација на регионални и магистрални патишта, како и изградба на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка. Од ЕБОР ќе бидат префрлени 3,8 милијарди денари за изградбата на новите наплатни станици за патарина и експресните патишта Градско - Прилеп и Штип - Кочани, како и Штип - Радовиш како најнов, а и за рехабилитација на 26 државни патишта. Со годишниот кредит од Ексим Банка од 4,5 милијарди денари ќе се продолжи доградбата на автопатите Миладиновци - Свети Николе - Штип и Кичево - Охрид. Кредитот од ЕИБ е многу помал во однос на овие претходните и тој ќе се користи за консултантски услуги за Коридор 10.
Од претходно, ќе се враќаат 2,85 милијарди денари во 2019-та за странски кредити. Од оваа сума, 2,15 милијарди се наменети за отплата на главниот долг, додека проектирано е дека само 706 милиони денари ќе бидат вратени како камата во текот на годината.Овие пари ќе бидат вкупно 61 отсто од сите трошоци на годишно ниво на „Државни патишта“.
Оваа година плаќањето на основицата од долгот ќе биде убедливо најголема до сега. Ако оваа година тоа ќе изнесува 2,15 миијарди денари, лани било предвидено да се вратат 1,42 милијарди, а во 2016-та била проектирана на 1,2 милијарди.
Овие 10,2 милијарди денари чинат дури 78 проценти од вкупните инвестиции во македонските државни патишта, а само 22 отсто се од сопствени средства кои ЈП Државни патишта ги собира преку акцизи на горива, патарини и регистрации на возила.
A.K.