Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАСТЕ БРОЈОТ НА СИРОМАШНИ, НИТУ ЕУ НЕ Е ИМУНА, дали трендот ќе запре со стабилизација на цените?

РАСТЕ БРОЈОТ НА СИРОМАШНИ, НИТУ ЕУ НЕ Е ИМУНА, дали трендот ќе запре со стабилизација на цените?

Изминатата 2021 година, 95,4 милиони луѓе во ЕУ, што претставува 21,7 проценти од населението, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Притоа како што е посочено во анализата на „Евростат“ изминатата година имало раст на лицата кои се во категорија ризик од сиромаштија во споредба со 2020 година кога ова бројка изнесувала 94,8 милиони лица, или 21,6 проценти од наслението во унијата. 

Пандемијата, но и кризите кои следеа по неа, неповолно влијаат врз населението насекаде во светот, вклучувајќи ја и ЕУ. 

- Помеѓу 95,4 милиони луѓе во ЕУ кои се соочија со ризик од сиромаштија или социјална исклученост, околу 5,9 милиони (1,3 отсто од вкупното население) живееја во домаќинства кои ги доживуваат сите три ризици од сиромаштија и социјална исклученост истовремено. Во 2021 година, 73,7 милиони луѓе во ЕУ беа во ризик од сиромаштија, додека 27,0 милиони беа сериозно материјално и социјално лишени, а 29,3 милиони живееја во домаќинство со низок интензитет на работа - се наведува во анализата на „Евростат“.

Податоците покажуват дека ризикот од сиромаштија или социјална исклученост варира низ земјите-членки на ЕУ. Највисок процент на луѓе со ризик од сиромаштија или социјална исклученост е забележан во Романија (34 отсто), Бугарија (32 процент), Грција и Шпанија (и двете по 28 отсто).

Спротивно на тоа, најмал удел на луѓе со ризик од сиромаштија или социјална исклученост се забележани во Чешка (11 процент), Словенија (13 отсто) и Финска (14 проценти).

Во Македонија, стапката на сиромашни лица во 2020 година согласно податоците на Државниот завод за статитсика изнесувала 21,8 отсто. Бројките велат дека под прагот на сиромаштија во земајва живеат дури 455 илјади граѓани. 

Во нашата земја исто така има раст на стапката на сиромашни лица во 2020 година во спроедба со претходната година кога тој проценти изнесувал 21,6 отсто. 

- Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2020 година е 20,7 отсто. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 7,9 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7 отсто - е посочено во извештајот на ДЗС. 

Бројките покажуваат оти најголема сиромаштија има кај семејства со три или повеќе деца, каде стапката достигнува високи 45,6 отсто, по што следуваат двајца возрасни со две деца каде стапката е 20,7 проценти. Дури и кај самечките домаќинства е регистриран раст на сиромаштијата. 

Кон растот на лицата кои запаѓаат во сиромаштија голем уддел имаат економските кризи кои се наметнаа пост пандемијата, а секако најголем удар врз животниот стандард врши инфлацијата. Поскапувањето на енергентите доведе до поскапување и на основните продукти, но и на останатите производи во малопродажба. Севкупно растот на цените кај нас, но и во светот директно удира врз можностите на семејствата и на работниците да ги задоволат своите потреби. 

Геополитичките случувања, војната во Украина, тензиите меѓу ЕУ и Русија, но и останатите конфликтни зони не дозволуваат стабилизација, која е неопходна за развој на економијата. 

Универзитетскиот професор Борче Треновски објаснува дека во однос на очекувањата за инфлацијата ја делиме глобалната судбина, и посочува дека растот на инфлацијата ќе почне да бледее кон крајот на годинава. 

- Глобалните очекувања за инфлацијата се дека кон крајот на годината ќе го загуби здивот и со почетокот на 2023 година ќе биде забележано позначајно намалување и постепено (како што ќе изминува годината) нејзино приближување кон пред кризното ниво. Во последните месеци евидентен е глобален тренд на намалување на цените на храната (масло, шеќер, месо, житни култури …) и на дел од суровините и материјалите.  Но, неизвесноста посебно од воениот  конфликт во Украина значајно ги комплицира прецизните проекции, пред се, на европско тло – овој конфликт покрај реалните економски ограничувања кои ги предизвикува, има уште посилни и тешко мерливи влијанија врз очекувањата/стравот/одесувањето на економските субјекти. Ваквата неизвесност/страв, дали ќе има храна и енергија.., од  една страна влијае на успорување на економската активност, додека од друга дополнително го зголемува притисокот, побарувачката и цените на клучните производи - објаснува професорот.

Тој укажува дека поради тоа што нашата економија е увозно зависна и отворена, инфлацијата  се уште се зголемува, но посочува оти темпото на пораст се намалува. Објаснува дека Макеоднија ја дели глобалната судбина и генералните очекувања се дека растот на инфалцијата ќе почне да бледее кон крајот на годината, меѓутоа намалувањето и стабилизирањето на цените ќе биде посебно видливо со почетокот на следната година.

П.О. 

Слично

Поврзани вести