Економија, финансии, бизнис

Контакт

Растат цените на „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“, „Гранит“ пак со рекордна годишна цена

Растат цените на „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“, „Гранит“ пак со рекордна годишна цена
„Кога не знаеш што да купиш“ тогаш вложи во најликвидната, во најстабилната и во акцијата што секогаш е на мета на трејдерите, оваа берзанска дефиниција во целост беше применета во практика во последната трговска недела годинава на нашата берза. Последната трговска недела во 2014 година забележа умерен и одмерен, но сепак, оптимизам кај инвеститорите. „Гранит“ со рекордна највисока цена, „Комерцијална банка“ со џиновски скок на цената од 4,4 отсто , а „Алкалоид“ најпосакуван и најбаран. Најтргувана акција оваа седмица беше „Алкалоид“. Прометот изнесува 4,7 милиони денари, а акцијата се тргуваше во маргина од 5.049 до 5.100 денари за акција. Иако обемот на тргување не е изразито висок, но сепак е континуиран и се одвива со плитки ценовни маргини кои генерално продуцираат раст на просечните цени на таа можеби и најпосакувана акција на нашиот пазар на капитал во последниве неколку месеци. Очигледно е дека инвеститорите на нашиот пазар на капитал ја сакаат акцијата на „Алкалоид“ во своето портфолио и многу често ја чуваат во комбинација содруги акции. Заради тоа што е ликвидна, заради тоа што носи редовна дивиденда и заради тоа што на среден рок носи капитална добивка која се остварува од разлика во куповна и во продажна цена. Сите овие атрибути ја прават оваа акција подобар финансиски инструмент одошто е вложувањето во банкарски денарски депозит. Според остварениот промет акцијата на „Комерцијална банка“ е втора со реализација од 2,76 милиони денари. Оваа седмица таа акција оствари, за нејзини прилики џиновски неделен ценовен скок! Дури 85 денари во позитива. Минатата недела последната цена беше 1.915 денари, а оваа седмица затвори тргување на цена од 2.000 денари за акција. Очигледно дека долната маргина од 1.915 денари за акција побуди голем интерес кај купувачите, но недостигот на понуда создаде впечаток дека секоја цена близу до таа односно до маргината од 2.000 денари може да биде добитна на краток рок. Останува да видиме како понатаму ќе се одвива бесконечната борба на бикот и на мечката на македонскиот пазар на капитал. „Гранит“ една од трите блу-чип акции оваа седмица повторно на рекордна годишна цена – 597 денари за акција. Во споредба со најниската цена од претгодната седмица таа акција бележи раст на цената од 2,7 отсто. Вкупниот промет за оваа седмица е 2,4 милиони денари.
Слично

Поврзани вести