РАСТ НА МИНИМАЛЕЦОТ ЗА 100 ЕВРА – Левица предлага најмалата плата да достигне 30 илјади, еве што точно бараат
Нов предлог или нов обид за зголемување на минималната плата, надвор од законските одредби согласно кои минималецот се искачи благо над 24 илјади денари, е доставен во Собранието.
На предлог на опозициската партија Левица, се бара платите на сите работници кои земаат минималец да се зголемат за сто евра и да изнесуваат 30 илјади денари. Дополнително Левица предлага и бара тоа да го покрие државата, односно парите да се исплаќаат од буџетот, и да не бидат на терет на компаниите.
- Со Законот за минимална плата во Македонија, се уредени висината на минималната плата, начинот на усогласување на истата, финансиската поддршка за исплата на минималната плата и сл. Согласно утврдениот механизам за усогласување, од март 2025 година минималната плата изнесува 24.379 денари во нето-износ – се посочува во образложението од законот доставен во Собранието.
Предлагачите потоа додават дека „имајќи предвид дека трошоците за живот континуирано растат, а синдикалната минимална потрошувачка кошничка бележи поголем пораст во однос на платите, актуелниот износ на минималната плата не ги задоволува основните егзистенцијални потреби на работниците“.
Според нив, потребата од интервенирање станува уште понеопходна ако се земе предвид дека реалната куповна моќ на граѓаните се намалува, што се одразува негативно и врз внатрешната потрошувачка, еден од главните двигатели на економскиот раст.
Додаваат и дека Синдикатите изминатиот период постојано апелираат за зголемување на минималната плата, укажувајќи дека за обезбедување достоинствен живот потребен е износ од најмалку 30.000 денари, согласно пресметките на синдикалната кошничка за основни трошоци на едно домаќинство.
Според нив, со минимална плата од 30 илјади денари, би се достигнала основна социјална сигурност за ранливите категории — како што се самохраните родители, младите работници и лицата со пониски квалификации.
- Со цел обезбедување на минимум неопходни средства потребни за егзистенција на работниците произлезе потребата од изменување и дополнување на Законот за минимална плата.
Со предложените измени се предвидува стимул за работодавачите кои ќе ја зголемат платата на вработените за најмалку 6.000 денари, со што минималната плата би достигнала ниво од околу 30.000 денари. Зголемувањето би се реализирало преку финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, со средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија, со цел да се избегнат негативни економски последици и да се поттикне растот на платите – се потенцира во предлог законот.
Ваквиот предлог тешко дека ќе помине во Собранието бидејќи Левица се опозиција и веќе дел од владејачките коалициони партнери најавија дека ќе ги блокираат сите предлози од нив. Дополнително, изминатиов период еден од најголемите Синдикати во земјава бараше раст на минималната плата, но изостана поддршката од Владата која посочи дека ќе го поддржи секој договор меѓу Синдикатите и работодавачите.
П.О.
