Раст на девизните резерви во јули
Најновите податоци за девизните резерви за јули, покажуваат висок раст на девизните резерви, при што главен фактор за растот во овој период се трансакциите за сметка на државата, заради издадената евро-обврзница, а во помал дел и девизните депозити на домашните банки кај НБРМ, како и интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, коишто во текот на јули беа во насока на нето-откуп на девизи.
Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие во континуитет се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци покажуваат дефицит во тековната сметка, нешто поголем од очекуваниот и финансиски текови во согласност со очекувањата. Притоа битно е да се нагласи дека движењата на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, се поволни, при раст на нето-откупот на девизи во текот на јуни и јули. Воедно, досегашните остварувања кај директните инвестиции се солидни и подобри од очекуваните.
Сигнали за видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти се забележуваат и преку промените кај депозитната база на банките. Јунските податоци за депозитите покажаа значително забавување на падот на вкупниот депозитен потенцијал, при истовремен благ раст на штедењето на населението. Прелиминарните податоци за јули упатуваат на повисоко ниво на вкупната депозитна база, споредено со претходниот месец, во целост како резултат на солидниот раст на депозитите на населението. Притоа, во овој месец присутна е поголема склоност на населението за штедење во денари, наспроти располагањето со странска валута. Ваквото однесување покажува значително подобрување на перцепциите на субјектите, а делумно може да е реакција на поместувањата во каматната политика на банките. Имено, во јуни за првпат по подолг временски период, се забележува проширување на распонот помеѓу каматата на депозитите на населението во денари и депозитите во девизи, што е конзистентно на досега преземените монетарни мерки. Во однос на проекциите, нивото на депозитите во јули е пониско од проектираното.
Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јули покажуваат мало намалување на новите кредитни текови, при пад на кредитите на корпоративниот сектор и натамошно зголемување на кредитирањето на населението. Ова приспособување во кредитирањето, следува по солидниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор во јуни (со исклучување на ефектот од регулаторните промени[1]) и не е невообичаено за овој период од годината. Резултатите од последната Анкета за кредитната активност за вториот квартал упатуваат на натамошно олеснување на вкупните кредитни услови и кај двата сектора, при умерено нето-намалување на побарувачката на корпоративни и станбени кредити. Кредитната активност засега е во склад на проекцијата, но со оглед на послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период, покажуваат податоците на Народната банка.
