Распродажба на земјиште: Која општина колку продала?
За половина година општините во Македонија од продажба на земјиште инкасирале 20 милиони евра. И тоа, 7 милиони евра влегле во касите на сите општини, додека 13 милиони евра се во касата на градот Скопје, каде се уплаќа одреден процент од проджбата на земјиштето. Ова го покажува анализата на Фактор, добиена врз основа на најновите податоци за приходите и расходите на општините што ги обелодени Министерството за финансии.
Ако се следи реализацијата на продажбата на земјиштето, тешко дека општините ќе успеат да го достигнат она што било планирано за годинава. Според планот, за оваа година било предвидено од продажба на земјиште да се инкасираат околу 90 милиони евра. И тоа, 65 милиони евра да завршат во касите на сите општини, додека, 25 милиони евра да бидат уплатени во касата на градот Скопје.
Најмногу пари од продажба на земјиште во првата половина од годинава, инкасирала општина Македонска Каменица, односно близу 670 илјади евра.
Следна на листата е општина Радовиш, каде од продажба на земјиште се следале 561 илјади евра, а во Прилел по овој основ во општинската каса влегле 300 илјади евра.
Во Куманово по овој основ се слеале 248 илјади евра. Тетово од продажба на земјиште инкасирало 234 илјади евра, а исто толкава сума влегла и во касата на Охрид.
Во касата на Македонски брод од продажба на земјиште се инкасирани 225 илјади евра. Додека пак општина Центар, по овој основ инкасирала 210 илјади евра. Исто толку пари, или 212 илјади евра од продажба на земјиште за половина година инкасирала Битола.
По нешто повеќе од 183 илјади евра, се слеале во секој од буџетите на општините Крива Паланка, Илинден и Струга.
Но, она што е интересно е дека се предвидени многу поголеми суми од продажбата на земјиште.
Па така, според планот општина Гевгелија има намера за годинава од продажба на земјиште да инкасира 5,7 милиони евра, додека скопските општини Чаир и Карпош, планирале по овој основ во нивните буџети да се слеат по 5,2 милиони евра.
Општина Тетово, од продажба на земјипте годинава планирала да инкасира 4,9 милиони евра, Радовиш 2,8 милиони евра, Македонска Каменица 2,6 милиони евра. Додека пак, општините Штип и Битола од продажба на земјиште годинава планирале во нивните каси да се слеат по 1,6 милиони евра.
Освен продажба на земјиште, Министерствито за финансии, ги обелодени буџетите за приходите и расходите на сите општини, од почетокот на годинава.
С.Н.