Распитот на осомничените во случајот ТНТ е одложен
Распитот на осомничените лица во случајот ТНТ, кој го отвори СЈО во Основниот суд Скопје 1 - Скопје по барање на одбраната денеска се одложи.
Беше предвиден распит на четворица осомничени за кои Обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации (СЈО) предложи определување мерки за обезбедување нивно присуство. Одбраната од судијата на претходна постапка побара дополнително време за да го заврши увидот во предметот и доказите. Следниот распит е закажан за 23 мај.
Првоосомничената е градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Инспекторката е осомничена дека донела незаконска одлука за рушење на комплексот Космос на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина, Фијат Цаноски. Членовите на комисијата за набавки пак се товарат за незаконска набавка на динамит со кој бил срушен Космос.
Слично
