Расмусен: Западен Балкан е природен дел од евроатлантското семејство
НАТО е посветен на иднината на Западен Балкан како природен дел на евроатлантското семејство, изјави генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен денеска, при неговата посета на Подгорица.
Тој истакна дека се радува да ја види Црна Гора како дел од НАТО, штом земјата биде подготвена за тоа.
„Црна Гора вложи силни напори и имаше големи достигнувања, но значајни напори и натаму се потребни во оние области кои се релевантни и за вашето пристапување кон ЕУ. Ве охрабрува, да ги продолжите напорите во насока на јакнење на владеењето на правото, реформата на безбедносниот сектор и во сферата на борбата против криминалот и корупцијата“, изјави Расмусен на заедничката пресконференција со црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ.
Расмусен и се заблагодари на Црна Гора за учеството во меѓународните воени операции, но не кажа конкретно дали земјата може да се надева на покана за членство на претстојниот самит во Кардиф.
По Подгорица, генералниот секретар на НАТО веднаш допатува во Скопје, каде што веќе е на средби со македонскиот државен врв. Во 15 часот во Владата тој ќе одржи заедничка пресконференција и со македонскиот премиер Никола Груевски.
Слично
