Расмусен не ни кажа ништо ново
Македонија може да стане членка на НАТО веднаш штом го реши спорот околу името со соседна Грција. Генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен во Скопје само го потврди ставот донесен уште на самитот во Букурешт - евроатлантската интеграција на земјава е условена со решение на долгогодишниот спор со Атина.
„Ве поттикнувам да ги продолжите напорите за изнаоѓање решение. Времето е сега! Интеграцијата во НАТО е работа на слободен избор, но тоа бара постојани реформи, тешки одлуки и храбро лидерство“, рече Расмусен по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.
Според генералниот секретар на НАТО, пресудата на Меѓународниот суд во Хаг која бара Грција да не го блокира членството на Македонија во меѓународни организации се однесува на билатералните односи меѓу Скопје и Атина и „не е поврзана со НАТО“.
„Дозволете ми да подвлечам дека одлуката што ја донесе НАТО во Букурешт во 2008 да биде подготвен да упати покана за членство штом ќе се најде решение за името, не е одлука донесена од страна на една земја членка, туку заедничка одлука на сите земји членки. Од тие причини Хашката пресуда не е земена предвид во одлуката од Букурешт“, рече Расмусен.
Груевски истакнал дека Македонија прави сè за да се најде решение за спорот околу името кој ги блокира нејзините евроатлантски интеграции, но додал дека решението зависи од подготвеноста и од грчка страна.
„Поканата може, според правилата на НАТО да се даде речиси секоја недела на тн. Собир на амбасадорите на НАТО. Таа не е условена само за време на самит, но би било извонредно ако тоа биде за време на самит, би било извонредна прилика за такво нешто“, рече Груевски.
Во рамките на посетата, која е дел од неговата балканска турнеја, Расмусен во Скопје се сретна и со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Попоски и Талат Џафери, но и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Слично
