Раскол во СДСМ и рекордна апатија – Кој ќе го пополни опозицискиот вакуум?
Може ли една демократија да функционира без вистинска опозиција, дали навистина има „пакт за ненапаѓање“ меѓу Филипче и Мицкоски. Во услови на висока граѓанска и политичка апатија кој тогаш ќе биде коректив на власта и нејзината неверојатна комоција, која може да доведе до длабока корупција и силно запоседнување на државните институции?
По најавено исклучување на Петре Шилегов од СДСМ и на други поранешни истакнати кадри се чини дека проблемите во опозициската партија се далеку од надминати, иако последниот конгрес помина без поголем „земјотрес“.
Истовремено Левица ги радикализираше своите позиции како антизападна партија која го преиспитува стратешкиот курс на Македонија. Нивниот популизам ги привлекува гласовите на гневните граѓани, но политиката на „свртување на Исток“, може да ги спречи да станат кохезивен фактор за поширок опозициски фронт.
Речиси 35% од граѓаните, на последните релевантни истражување, изразиле негативни чувства кон сите политички субјекти во државата, а речиси 40% од активните гласачи се изјаснуваат како „неопределени“, не затоа што немаат политички став, туку затоа што не гледаат соодветна понуда кај ниту една од постоечките опции. Ова е највисоко ниво на политичка дистанца во последните две децении.
Дополнително, кај граѓанскиот сектор е дијагностицирана т.н. „дигитална инертност“. Постои огромна активност и остра критика на социјалните мрежи, но подготвеноста за физички протест или директна граѓанска акција на терен е на историски минимум.
Хируршки прецизна интервенција или византиски игри?
Дали внатрешното превирање во СДСМ може да го галванизира општественото незадоволство и да добие институционален замав, за да делува како вистинска алтернативна опозиција наспроти раководството на Венко Филипче?
Тоа, за волја на вистината, ги промаши речиси сите јавни напади врз премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во последно време и повеќе делува како опозициска партија на Вучиќ отколку во македонскиот политички простор.
Дополнително нивото на јавна комуникација на СДСМ е неразбирлива енигма. Нивните соопштенија никогаш не биле на волку ниско ниво, полни со навреди, лични дисквалификации и ад хоминем напади на политички неистомисленици, новинари и политички инфлуенсери, па дури и сопствените сопартијци.
Нов ЗНАМ или внатрепартиска фракција – Како против Филипче?
Откинувањето на делови од ткивото на СДСМ историски и гледано според актуелната призма никогаш не било рецепт за успех на социјалдемократите. Тоа што го направи Максим Димитриевски со ЗНАМ претходно го направи Тито Петковски со НСДП, односно и двајцата го овозможија и официјализираа устоличувањето на вмровски премиери, Никола Груевски и Христијан Мицкоски.
Затоа незадоволните кадри во СДСМ добро ќе размислат пред да се решат да формираат нова политичка партија која уште толку ќе ја поткопа партиската база.
Кадри како Петре Шилегов, Игор Ивановски – Шема, Андреј Петров, Јован Деспотовски, Славјанка Петровска, Костадин Костадинов и уште многу други кои јавно се конфронтираа со Венко Филипче може да се обединат во една или повеќе паралелни партиски платформи кои одвнатре ќе се обидат да влијаат во СДСМ или барем да ги игнорираат неговите политики и да ги оспоруваат партиските одлуки преку локалните органи.
Политиката не трпи вакуум
Филипче во моментов нема притисок од изборна кампања и испорачување резултати, со оглед на тоа што парламентарните избори се во 2028, а локалните во 2029 година. Тоа му овозможува да презема ризични и непопуларни потези на „прочистување“, надевајќи се дека до следниот изборен циклус тие ќе бидат заборавени.
Сепак, во политиката вакуумот неизбежно некој го пополнува. Иако очите секогаш треба да се вперени во владејачката структура која ги носи сите одлуки и ја има најголемата моќ во државата, мора да се дискутира и за опозицискиот блок бидејќи некој мора да биде иницијатор на активна критика кон власта, понуда на подобри политики и коректив на државниот курс.
Дали Филипче воопшто има желба да биде главен опозиционер, или само „чистач“ на Бихаќка? Доколку се посвети само на пресметка со партиските неистомисленици, а без притоа да понуди квалитетна алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ тогаш можеби, критиките за некаков пакт се навистина реални.
Х.С.