Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАШО vs ПОЛИЦИЈАТА: Моите говори се изблик на гневот во душата!

РАШО vs ПОЛИЦИЈАТА: Моите говори се изблик на гневот во душата!
“Моите говори на антивладиниот протест се спонтани и доаѓаат онака како што размислувам и онака како што се чувствувам во моментот. Не се напишани, ниту однапред смислени и договорени. Едноставно гневот кој тлее во мене, кој со години моето детство и мојата младост ги претвори во години минати во неспокој и неизвесност, ме тера отворено да го искажам својот став. А, тоа мислам е поентата на слободата, на здраворазумското и демократско размислување во земја која сака да се нарече демократска. Нашите пораки се јасни како ден. Делиме соживот, мир и толеранција затоа што сите ние коишто излеговме на протест сме преморени од оваа власт. Преморени од лагите, партизираноста на институциите, притисокот врз нашите родители и пријатели, скапиот живот и хипокризијата дека се е добро, се е супер, а под површината  тлее трулото и расипаното. Ја сакам слободата, светлината, шаренилото, сакам да живеам во својата земја, но без притисоци, без да мислам како гласал мојот сосед, пријател, роднина, сакам слободно да излезам и да разговарам за се, само не за политика”- вели за Фактор, студентот по новинарство Никола Радулов-Рашо. Тој неколкупати досега на протестите им се обрати на присутните, на полицијата, на намерните и случајните минувачи кои своеволно и се приклууваат  или само ја поздравуваа “Шарената револуција”. Интересен беше неговиот говор упатен кон полицијата, но подршка од граѓаните доби и кога застана на бината пред Собранието. Граѓаните вели  сакаат да го чујат гласот на младите, сакаат своите деца да ги гледаат среќни дома и конечно, сакаат да го тргнат сивилото и  омразата која последниве години актуелната власт ја наметна помеѓу луѓето. 26275632750_07ff7e327c_h (1) “Поради тоа што владеачката гарнитура ја зави Македонија во црно ние решивме да ја обоиме и да ја вратиме свежината на онаа наша, стара Македонија каква што била пред повеќе од 10 години. Мотивацијата произлезе како резултат на политичките случувања. Младите масовно бегаат надвор, а ние се расправаме за политика. Бројките ни се катастрофални, секој извештај за напредок е во негатива, стандардот на граѓаните е под просечен, а глумиме богатство и хармонија. Не сакам да ни се повтори случајот со Тамара, со Мартин Нешковски, Смилковско. Само тага, очај, неизвесност. Финансиски колапс кој секојдневно го чувствуваме на свој грб и од свој џеб. Отсекогаш го имав борбениот дух во себе и само прашање на време беше кога ќе излезе на виделина. Имам што да кажам, а немам доволно простор во овој наш микросвет, па протестот покрај битката за слобода ми дава можност за искажување на своето мислење коешто ќе биде слушнато до пошироката јавност”- вели студентот Радулов. Деновиве сватил дека добриот збор може да допре до секого. Неговите зборови поминале и преку полициските штитови. Додека едни бесчуствително се криеле под шлемот, во други очи  видел и по некоја солза. Бидејќи, општествените проблеми како што вели ги  мачат сите, и обичниот граѓанин  и оние во униформа кои по службена должност треба да ја бранат актуелната власт скриена зад стиропорните палати. “На почетокот на своето излагање пред полицијата бев груб,  но затоа утредента се извинив и продолжив да го правам она што го умеам и по што деновиве сум препознатлив. Моите зборови допреа до голем дел од припадниците на полицијата, видов солзи на нивните лица и веќе ме препознаваат. Штом ме видат дека одам накај нив, се поставуваат како ученици и секој мој збор го слушаат внимателно. Поделбата на “наши” и “ваши” не ја правиме ние туку владеачката гарнитура со своето десетгодишно владеење успеа да направи делба меѓу граѓаните. Не се криви граѓаните, крива е власта. Онаа поделба којашто јас ја правам е само на добри и лоши. Дека работиме на страната на доброто, јасно е. Немам притисоци, немам нарачки, ниту размислувам за спроведување на нечија агенда. Се наоѓа по некоја закана по социјалните мрежи но тоа не го сметам за притисок. Не сум член на ниту една организација, не сум член на ниту една политичка партија и не сум гласноговорник на истите. Горд сум на самиот себеси, бидејќи можам да имам свој став, единствен и некомпромитиран”-додава Радулов. 25962990113_0ef8b7639d_h Овие антивладини протести кои се организирани против одлуката на претседателот Иванов да аболицира поранешни и актуелни политичари и  со тоа да ги  ослободи  од кривична одговорност,  како и против одржување на изборите на петти јуни, според него се израз на  чиста и искрена масовност, без притисок и без страв дали луѓето да се појават на протестот  на скопските улици и да се  борат  за она што како граѓани им  припаѓа. Протестот за него е светлина на крајот од тунелот и надеж дека работите ќе се сменат на подобро.  Во спротивно, вели иднината ниту ќе биде розова, ниту ја гледа во земјава. “Доколку оваа политичка гарнитура остане на власт, иднината овде не ја гледам. 10 години се на власт и практично го избркаа голем дел од квалитот во државава. Се зависи од наредните политички случувања. Доколку дојдат подобри денови, секако дека ќе останам. Императив ми е градењето кариера како новинар, но додека поголемиот дел од медиумите тука се на ваква бранова должина, очигледно желбата ќе ми остане само желба”- потенцира студентот по новинарство. Протестите коишто се случуваат последниве две недели  како што вели  се резултат на сето незадоволство и сета аверзија којашто народот  ја има кон оваа власт. Непромислениот чекор на претседателот, вели само го подгреал незадоволството кое е артикулирано со години. Очекува протестите да имаат силно  влијание врз политичката криза, и да бидат основа за излез од неа,  со една јасна порака- повлeкување на одлуката за аболициција и затворска казна за сите оние коишто  со години економски и политички ја уништуваат земјава. С.Б.
Слично

Поврзани вести