Рамен данок, но куп скриени давачки; Странците се надеваат на подобра 2013-та
Странските инвестиции во Македонија годинава бележат пад пред се поради состојбите во опкружувањето, има позитивен сигнал за идната година, но странските инвеститори се соочуваат со голем број скриени давачки, заклучува Советот на странски инвеститори (ССИ).
„Намалувањето на странските инвестиции е резултат на тоа што Македонија е дел од глобалниот, европскиот и регионалниот амбиент и поради тоа е многу тешко да се одржи нивото на странските инвестиции како во минатите години. Вкупниот број на вложувања можеби не е голем, но постојат ветувачки проекти кои се почнати во слободните економски зони. Владата прави доста напори кои на долгорочно ниво ќе доведат до зголемување на нивото на странски инвестиции, а ние сме тука за да помогнеме во тоа. Не планираме да ја напуштиме Македонија и затоа сме заинтересирани за доаѓање на нови странски инвеститори“, истакна денеска претседателот на ССИ, Даниел Сас инаку главен извршен директор на Македонски Телеком.
Во делот на идните прогнози односно дали се очекува подобрување на економската ситуацијаво земјава догодина, Сас вели дека е добар сигнал за да се стимулира економијата преку решавањето на проблемот со ликвидноста на компаниите, особено на малите и средните со доволното пари кои се пуштени во циркулација со вклучувањето на Владата и на банкарскиот сектор.
Сепак како голем проблем ги истакна големиот број скриени давачки при добивањето на одреден број одобренија и дозволи, особено на локално ниво.
„Системот на оданочување во земјава со рамен данок е стимулирачки и привлекува инвестиции, но постојат и други административни давачки кои се сметаат за одреден вид на оданочување. Постои можност да се подобри ситуацијата со административните давачки посебно кога се работи за општините кои ги толкуваат на различен начин во поглед на дозволите и лиценците за странските инвеститори. Разговаравме за тоа со ЗЕЛС и се надевам дека ќе имаме добра соработка за да се упрости постапката за адмнистративните давачки, дозволи и лиценците кои за многу индустрии претставуваат проблем, рече Сас.
Слично
