Рама сака Албанија да влезе во ЕУ дури и без право на вето
Албанскиот премиер Еди Рама ја поддржа идејата за привремено ограничување на правото на вето во процесот на проширување за идните земји членки. Оваа порака доаѓа во период кога во Брисел сериозно се дебатира за нов модел на пристапување „чекор по чекор“, кој на земјите кандидат би им овозможил делумен пристап до европскиот пазар и до институциите на Унијата уште пред полноправното членство.
„Нема да се колебаме, ќе направиме сè што е потребно за да влеземе“, изјави Рама, потенцирајќи дека Тирана отсекогаш била 100 отсто усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Албанскиот премиер ги отфрли стравувањата дека неговата земја со овој чекор целосно ќе го изгуби правото на глас на патот кон ЕУ. Според него, актуелната геополитичка ситуација и војната на европско тло бараат итни, креативни и иновативни решенија за интеграција на Западен Балкан, кои се разликуваат од традиционалните бирократски процеси.Тој нагласи дека Албанија останува „100 проценти усогласена со надворешната политика на Европската Унија“, додавајќи дека земјата никогаш не гледала на ветото како политичка алатка.
