Рама: Продолживме да организираме свадби, ja чекавме невестата од Брисел, но таа не дојде
Со години ја чекаме „невестата” од Брисел, но, таа никогаш не дојде, вели албанскиот премиер Еди Рама.
Рече дека не е Бугарија во прашање, туку начинот како ЕУ функционира, тој модел е застарен и треба да се смени. Рама кажа дека една земја држи во заложништво две други земји и тоа е грешка. Албанскиот премиер вели дека Албанците чекале да дојде невестата од Брисел, не една, туку повеќе години, но таа никогаш не дошла.
„Продолживме да организираме свадби, големи свадби со музика. Чекавме да дојде невестата од Брисел, не една, не две , не три, туку повеќе години, но таа никогаш не дојде. Ако дојде да не ожени без музика и веднаш во кревет и да имаме деца, нека дојде. Го кажувам со хумор, но замисли си кога сакаш сериозно да се жениш, а таа никогаш не се појавува“, рекол Рама според Ора њуз.
Вели дека преговорите требало да почнат пред повеќе години, можеби тоа ќе биде следната година, но, додава ” нема да добиеме несоница поради тоа”. Рама неодамна ја критикуваше ЕУ затоа што не отвори преговори со Македонија и Албанија.
