Рама од милениче на Западот станува фактор за нестабилност на Балканот
Албанскиот премиер Еди Рама од еден од омилените балкански политичари на западните центри на моќ во обид да го зајакне домашниот политички рејтинг и да се покаже како голем албански деец се претвора во фактор за нестабилност на Балканот, како со провокациите кон Македонија, така и со последните изјави кои ја вознемирија целата балканска јавност.
Еди Рама смета дека постои можност за идејата Албанија и Косово да имаат заеднички претседател бидејќи оваа функција според уставните уредувања е симболична во извршната власт.
Секако, ова не е некоја бенигна изјава која може така лесно да пројде бидејќи веднаш се враќаат стравовите за нови промени на границите на Балканот, пресврт кој соседните држави меѓу кои Македонија, Србија, Грција и Црна Гора не може да го премолчат.
Знаци на неодобрување на овој политички и манипулативен маркетинг стигнаа и од Брисел каде поблаго е искаран Рама со неговите „несоодветни“ изјави. Во исто време Македонија мака мачи да докаже дека нема никакви иредентистички претензии кон својот јужен сосед со моќна балканска армија и членка на НАТО и ЕУ.
