Раководството на „Макстил“ ги прими граѓаните, тврди – фабриката не загадува
Пречекорување на загаденоста од „Макстил“ нема, затоа што фабриката работи само со 30% од своите капацитети, уверува раководството на фабриката, кое денеска за првпат по подолг период се сретна со граѓаните од Железара и околните населби, кои протестираат против загадувањето.
Директорот на „Макстил“ Иван Бановски вели дека фабриката работи согласно сите стандарди, а до октомври ќе го постави и потребниот систем за отпрашување за да добие највисока интегрирана еколошка дозвола. Поставувањето на овој систем ќе го чини „Макстил“ околу 10 милиони евра.
Граѓаните сепак не се задоволни. Бараат фабриката целосно да запре со работа додека не ги исполни еколошките норми. Револтирано велат дека инспекциските служби не ја мерат загаденоста во викендите и по 21 часот кога во населбата не се дише. За нив паричните казни не се доволни.
Од Министерството за животна средина најавија засилени инспекциски контроли за да проверат дали фабриката навистина прекумерно загадува. Утре треба да бидат објавени резултатите од последните мерења за загадувањето на Скопје.
