РАДОЖДА: Нема да дозволиме железничка пруга низ селото!
Жителите на Радожда се загрижени од најавата дека во нивното село ќе поминува пруга. Сметаат дека сосема ќе се наруши сегашната слика на туристичко место. Советот на Месна Заедница Радожда до Фактор упати соопштение во кое се вели дека некој манипулира со жителите. Бараат итно сопирање на сите градежни работи поврзани со пругата. Нивното соопштение Ви го пренесуваме во целост:
Во последниов месец во селото Радожда сведоци сме на грубо кршење на сопственичките права на жителите.
Имено, геодетска фирма врши ископувања во атарот на селото истражувајќи погодна траса за изградба на железничка пруга. Месното население е запознаето за траса за пруга кој би поминувала под селото Мали Влај над Радожда. Сега се работи за испитувања на комплетно нова траса која е замислена да поминува низ селото Радожда.
За вакви активности селото не беше запознаето ниту пак дало одобрение или некаква согласност. Фирмата која ги врши испитувањата секојдневно влегува во места во сопственост на жителите без притоа да побара некаква согласност или пак да ги информира.
На населението не им се даваат точни информаци и се манипуира со сопствениците. Ваквата замислена траса не е од интерес на жителите на Радожда. Се работи за траса која би предизвикала целосна трансформација на туристичка Радожда каква што сите ја познаваме. Пруга која би поминувала веднаш до фудбалско и детско игралиште, низ историски значајниот пат Виа Игнатиа, низ карпа во која е сместена една од најстарите цркви на балканот, пештерската црква Св.Архангел Михаил од XIV век, низ извор од кој населението се снабдува со вода и која ќе предизвика еколошка катастрофа. Ова за Радождани не е прифатливо.
После неколкукратното интервенирање од Месната заедница до Министерството за транспорт и врски и до Македонски железници повторно се случува истото, градежната механизација е на терен. Се надеваме дека преку информирање на сите релевантни фактори и невладини организации за заштита на животната средина и културното наследство, сите ќе застанат во одбрана на заштита на Радожда од еколошка катастрофа, место кое e заштитено од Унеско.
Слично
