Радев ќе објави формирање на привремена влада, Бугарија оди на нови избори
Во Бугарија во јули ќе има нови избори, откако партиите не успејаа да состават Влада.
Претседателот на организацијата на бугарските социјалисти во Софија, Калојан Паргов, соопшти дека неговата партија ќе го врати мандатот за формирање на нова бугарска влада.
На тој начин, му се отвора патот на претседателот Румен Радев да го распушти парламентот и да распише предвремени парламентарни избори само еден месец по регуларните избори во Бугарија на 4 април.
Мандатот претходно го вратија и ГЕРБ на Бојко Борисов и „Има еден таков народ“ на Слави Трифонов, кои завршија на првото и второто место на изборите, но не формираа Влада.
Радев ќе објави формирање на привремена влада, која ќе има една главна задача – да ги организира и спроведе предвремените парламентарни избори во Бугарија.
Предвремените парламентарни избори може да се одржат на 11 или 18 јули, пишуваат бугарските медиуми.
