РАДЕВ ЌЕ ГО РАСПУШТИ ПАРЛАМЕНТОТ: Изборите во Бугарија ќе се одржат летово
Летово во Бугарија ќе има избори, откако по одржаните избори мандатарите не составија Влада.
Земјата оди на нови парламентарни избори на 11 јули. Изборната кампања би требало да почне на 12 јуни, а кандидатските листи да се регистрираат до 9 јуни. Ќе има и нови изборни правила, според кои во места со над 300 избирачи задолжително ќе се гласа електронски. Датумот го потврди бугарскиот претседател Румен Радев, кој најави дека следната недела ќе го распушти Собранието.
„Ја ценам одлуката на Бугарската социјалистичка партија да не стане мандатор. Во оваа ситуација јасно е дека ќе го распуштиме парламентот и ќе закажеме предвремени избори. Но ако и по овие избори се дојде до истиот ќор-сокак и не може да се формира кабинет, Бугарија може да падне во не само политичка, туку и уставна криза“, изјави Радев.
До изборите ќе функционира привремена влада. Претходно, пропадна и третиот обид за формирање нова влада. Партијата ГЕРБ на екс премиерот Бојко Борисов победи на изборите пред еден месец, но ниту една партија не сакаше да коалицира со неа.
