Работното време на кафулињата во судир со Светското фудбласко првенство
Угостителите во Скопје поднесоа иницијатива до градските власти со барање за продолжување на работното време додека трае Светското фудбалско првенство во Бразил.
Со оглед на временската разлика, последните натпревари во Бразил започнуваат на полноќ по македонско време, додека кафулињата работат до 1 часот по полноќ, што е недоволно за да се изгледа целиот натпревар, објаснуваат тие.
„Советот на Град Скопје може да донесе одлука за продолжување на работното време за еден час односно до 2 часа максимум. Тоа и се прави кога има одредени манифестации, ивенти или слично. Така направија угостителите во Охрид, односно го продолжија работното време до два часот по полноќ за време на сезоната,“ изјави претседателот на Туристичко-угостителската комора Феркан Бербери.
Најголем дел од угостителските објекти се подготвуваат и нестрпливо го очекуваат почетокот на Мундијалот утре. За време на ваквите спортски настани можноста за заработка е поголема заради популарното организирано гледање на натпреварите. Многу од нив дополнително вложуваат во набавка на телевизори и друга опрема.
Но, од Пазарниот инспекторат велат дека толеранција нема - ако не се донесе одлука за промена на работното време, ќе се казнуваат сите што нема да затворат во еден часот по полноќ. Казната за непридржување кон истакнатото работно време изнесува од 50.000 до 150.000 денари.
Градот Скопје, пак, надлежноста ја префрла во Министерството за економија. Градските советници имале можност да го продолжат работното време, но само до два часа и тоа најмногу три дена, за одредени манифестации, толкуваат од таму.
Ако Министерството за економија донесе одлука за промена на работното време на кафулињата, тоа ќе важи за цела Македонија, а не само за Скопје.
Слично
