Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАБОТНИЦИТЕ СЕ ОХРАБРУВААТ: Од овие градови има пријави за неисплатен К -15

РАБОТНИЦИТЕ СЕ ОХРАБРУВААТ: Од овие градови има пријави за неисплатен К -15

Работници од повеќе сектори од Скопје, Тетово, Делчево, Валандово, Кратово, Штип, Велес се обратиле во Здружението „Гласен Текстилец“, за да реагираат затоа што не добиле К-15, или пак добиле исплата на помал износ од предвидениот, а на некои им е ветено дека истиот ќе го добијат со јануарската плата.

Од „Гласен Текстилец“ им дале насоки и им помогнале за да ги пријават случаите во инспекторат.

„Се јавија работници од маркети, градежни фирми, кожарски и текстилни фирми, кои се жалат за неисплатен К-15. Работниците се охрабруваат и тоа за мене е сатисфакција. За разлика од лани, сега работниците не молчат, се охрабрени да пријават, но во Штип лани имаше подобра исплата на К-15, сега е послабо“, вели Кристина Апмева, од „Гласен Текстилец“.

Граѓаните имаат различни искуства за исплатата на К-15.

„Мојата ќерка ја избрка газдата пред Нова година од работа, но не ѝ исплати К-15. Не знаев каде да пријавам, но откако министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска сподели информација на социјалните мрежи, не се двоумам и ќе го пријавам случајот“, вели скопјанка.

На социјалните мрежи има бројни коментари дека работниците добиваат К-15 на сметка, а потоа парите им ги враќаат на газдите во кеш. Постојат и „дупки“ во законот кои овозожуваат работодавецот да ги изманипулира работниците за износот на регресот, особено ако фирмата има лоши финансиски резултати.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ги „чешла“ фирмите кои не исплатиле К-15 на работниците.  Таа деновиве ги повика работниците да пријават доколку не земале К-15.

„Ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 и сите други нерегуларности да ги пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд - 15 131. Од почетокот на годината Инспекторатот прави засилени контроли во правните субјекти од сите дејности, вклучувајќи ги и фабриките за производство на текстил и чевли, каде што се забележани голем дел претставки изминатите години“, напиша Царовска на Фејсбук.

Владата деновиве на седница донесе одлука со која ќе се провери како течела исплатата на К-15.

Над 100-тина работници пријавиле неисплатен К-15 за годината 2018-та во Инспекторатот за труд, објави Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата.

Проверка на неисплатата на регресот ќе трае и во текот на февруари.

На сметките на сите вработени во приватниот сектор требаше да легнат минимум 9.665 денари. К-15 како обврска се воведе уште во 2014 година.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести