Работниците излегуваат на улица: ССМ со блокада пред Собранието
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест со блокада пред Собранието на Република Македонија, кој ќе се одржи на 10 февруари 2026 година, со почеток во 9 часот.
Протестот ќе се одвива на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“, а синдикатот наведува дека причината е, како што велат, игнорирањето на предлогот за зголемување на минималната плата и на останатите плати.
Од ССМ бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а сите други плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари, односно за разликата што ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата.
Според синдикатот, пратениците не одговориле на работничките барања, иако, како што посочуваат, нивните плати се зголемени за 79 отсто, со можност за дополнително зголемување во текот на годинава.
ССМ најавува дека со блокадата ќе се оневозможи пристапот на пратениците до Собранието, а доколку нема реакција, ќе започне и иницијатива за собирање 10.000 потписи со цел намалување на функционерските плати и зголемување на платите на работниците.
Од синдикатот информираат дека за време на протестот ќе биде овозможено непречено движење на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата, а граѓаните однапред ги замолуваат за разбирање поради можните застои во сообраќајот.
