Економија, финансии, бизнис

Контакт

Работници од тетовско-гостиварскиот регион на протест пред „Бехтел и Енка“: Велат дека без најава биле отпуштени

Работници од тетовско-гостиварскиот регион на протест пред „Бехтел и Енка“: Велат дека без најава биле отпуштени

  • Околу педесетина работници од тетовско-гостиварскиот регион денеска одржаа јавен собир пред базата на компанијата „Бехтел и Енка“, ангажирана на изградбата на автопатот од Коридорот 8, изразувајќи револт поради тоа што, како што велат, без најава биле испратени дома и покрај тоа што имале важечки договори.

  • Според нивните изјави, утринава кога дошле на работа добиле список со имиња и им било соопштено дека од тој ден повеќе нема да работат.

    „Сабајлево дојдовме на работа и ни дадоа список. Ни рекоа дека до денеска сме на работа и дека договорот повеќе не ни важи. Има колеги кои имаа договори до четврти, петти или седми месец, но ни кажаа дека државата не обезбедила средства и затоа нè отпуштаат“, изјави Стојанче Ристовски, кој работел како возач на товарно возило.

    Дел од работниците тврдат дека прекинот на ангажманот бил селективен и дека се однесувал само на локалните работници, додека странските работници останале на работните места.

    „Ние не сме ни пет проценти локални работници, а требаше да бидеме 70 проценти. Сега и тие малкумина што сме од Македонија нè бркаат, додека странските работници остануваат“, изјави Јетон Фариу.

    Од Министерството за транспорт информираат дека Владата навремено ги исплатила сите фактури кон изведувачот и дека ангажирањето на работници е исклучиво обврска на компанијата изведувач.

    „Ангажирањето работници, подизведувачи и опрема се договорни обврски на изведувачот ‘Бехтел и Енка‘. Владата, Министерството за транспорт и ЈПДП како инвеститори немаат обврски во тој дел“, соопштија од Министерството.

    Од таму додаваат дека динамиката на работите на Коридорот 8 останува непроменета и дека очекуваат проектот да биде завршен во предвидениот рок.

    Од канцеларијата на „Бехтел и Енка“ во Скопје засега нема официјален одговор зошто на дел од работниците им е прекинат работниот однос и покрај тоа што имале активни договори.


    Слично

    Поврзани вести