СИНДИКАЛЦИ И МИНИСТЕР: од понеделник на заедничка маса ќе се „пеглаат” разликите!
Работни групи на Синдикатот за образование, наука и култура и од Министерството за образование и наука од понеделник на преговарачка маса ќе ги разгледуваат синдикалните барања за подобрување на образовниот процес . Ова бил заклучокот на средбата помеѓу синдикалниот лидер Јаким Неделков и министерот за образование Абдулаќим Адеми одржана вчера во попладневните часови. Средбата на највисоко ниво доаѓа неколку дена откако генералниот штрајк во образованието беше ставен во мирување. Овој чекор според првиот синдикалец Јаким Неделков покажува дека преговорите може да донесат конструктивни решенија во полза на просветните работници, вработените во градинките и културните институции.
“На средбата со министерот за образование и наука одлучивме да формираме 5 работни групи од двете страни, кои секоја поединечно и за посебна тема заеднички ќе работи за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни. Работните групи треба да ги формираме следниве два-три дена и веќе од понеделник или најдоцна од вторник да почнат со работа. Преку свои координатори очекуваме со тежината на фактите и аргументите да се дојде до најдобрите можни решенија”-вели Јаким Неделков-претседател на СОНК за Фактор.
Прво и приоритетно прашање кое ќе биде разгледувано преку работни групи е моделот на екстерно оценување кое предвидува казни и награди за наставниците и професорите. Од СОНК бараат негово итно стопирање и донесување на законски измени кои треба да бидат во корист на просветарите и во функција на реалното оценување како на наставниците така и на учениците. Следно за решавање е прашањето околу последните измени и дополнувања на законите за основно и средно образование кои предвидуваат за време на штрајк замена на наставниот кадар со нов.
Наставниот кадар во основните и средните училишта, според Неделков покрај со работната обврска е преоптоварен и со административни работи кои се под лупа на просветните инспекции. Тоа дополнително ја отежнува нивната посветеност и влог во работата, а од друга страна како товар стои и стравот од драконските казни кои доколку не се ревидираат и намалат, според него, ќе значат дека наставникот ќе треба да работи само да ги плати казните.
“Со новите законски измени, во делот на штрајкот сметаме дека истиот го ограничува, па и практично се забранува правото на штрајк на вработените во основното и средното образование. Тоа е спротивно на Уставот, како и меѓународните конвенции што ги има ратификувано Македонија, и е должна да ги почитува. Законите за основно и средно образование, во членовите од прекршочните одредби, казните по разни основи се движат од 300 до 1.500 евра, во денарска против вредност. Според резултатите од екстерното тестирање казните изнесуваат 3.000 денари месечно, односно 36.000 денари за цела година. Ваквите казни се исклучително високи, според тоа колкави се платите на наставниците од една страна, како и основот за што се казнети”- потенцира претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Првиот човек на синдикатот вели дека треба да се разговара и за имплементација на договорот за детска заштита, зголемување на платите за вработените во градинките, потоа намалување на бројот на деца во групите, затоа што не ретко има двојно повеќе деца во една група од пропишаните 20. Дополнително на дневен ред на работните групи ќе бидат ставени и колективните договори за високото образование кои треба да добијат нова работна верзија, а потоа да бидат ставени на разгледување и анализа.
Резултатите и заклучоците на работните групи треба да покажат дали двете инволвирани страни ќе успеат да најдат заеднички решенија. Откако во неделата штрајкот во образованието беше ставен во мирување, раководството на синдикатот најави дека ќе остави преговарачки рок од три месеци. Синдикалците оставија можност за активирање на штрајкот доколку до крајот на декември не ги испеглаат разликите во ставовите со министерството и не изнајдат разумни решенија.
Б.С.
Слично
