РАБОТНА НЕДЕЛА ОД ЧЕТИРИ ДЕНА - вработените се повеќе ја бараат, дали шефовите ќе мора да попуштат
Четиридневната работна недела е она што сега го бараат вработените, поточно подготвени се за ваков тип на промени, а нивните шефови треба да внимаваат на нивните желби, пишува CNN.
Оваа тема секако не е нова, но за неа се зборува почесто по пандемијата, која трајно го промени режимот на работа: не само што флексибилното работно време стана императив во многу компании, туку се поизвесно е дека самата работна недела ќе биде пократка - или во однос на денови или часови.
Во исто време, американските работници поднеле отказ во рекорден број - 4,3 милиони се евидентирани во август, а уште 4,4 милиони во септември годинава. Менаџерите во различни индустрии имаат проблем да најдат работници, дури и кога ги зголемуваат платите и нудат стимулации.
Ги има сите шанси дополнително да ги „олабават“ условите бидејќи би можела да заживее четиридневна работна недела. Истражувачите од финансиската компанија „Jefferies“ ги прашале младите Американци, на возраст од 22 до 35 години, кои неодамна ги напуштиле своите работни места - што можеле да направат нивните поранешни шефови за да ги убедат да останат на таа работа, пишува Business Telegraph.
Триесет и два отсто рекле дека ќе останат доколку им се понуди четиридневна работна недела.
Тоа, всушност, беше вториот најчест одговор, веднаш зад 43-те проценти кои би останале на работа за повеќе пари. Студијата исто така покажа дека 80 отсто од испитаниците поддржуваат четиридневна работна недела. Што се однесува до останатите 20 отсто, само 3 отсто рекле дека се против пократка недела, а 17 отсто се „неутрални“. Кај работниците со дипломи, „синдромот на прегорување“ беше првата причина поради која дадоа отказ.
Идејата е работната недела сега да има 32 наместо 40 работни часа, а за тоа летово зборуваше и конгресменот Марк Такано од Калифорнија. Тој воведе закон со кој ќе се измени Законот за фер работни стандарди од 1938 година.
„Нормите се менуваат и се доведуваат во прашање. Луѓето не сакаат да се вратат на старите патеки“, рече Такано, пренесува CNN. Сепак, тој е свесен дека „тоа нема да се случи преку ноќ“.
Работната недела од 40 часа беше тешка борба на работничките активисти на почетокот на 20 век. И лесно е да се видат паралели со сегашниот пазар на труд, кога работниците се овластуваат и кога се зголемуваат напорите за синдикализација, пишува Бизнис Телеграф.
