Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАБОТНА НЕДЕЛА И ПРАЗНИЦИТЕ ДА БИДАТ ПЛАТЕНИ: Од 1.октомври недела е неработен ден, строги казни за работодавачите кои ќе го прекршат законот

РАБОТНА НЕДЕЛА И ПРАЗНИЦИТЕ ДА БИДАТ ПЛАТЕНИ: Од 1.октомври недела е неработен ден, строги казни за работодавачите кои ќе го прекршат законот

Измените на законите за работни односи и за трговски друштва што Владата ги усвои на вчерашната седница предвидуваат од 1.октомври недела да биде неработен ден.

Министерката за труд и социјална политика вчера изјави дека на работодавачите кои ќе го прекршат законот, ќе им се забрани работа од 15 дена и ќе им се издаде прекршочен платен налог.

-Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа не смее да го намали бројот на работници, рече Шахпаска.

Сепак, ќе има и некои исклучоци каде ќе биде дозволена работа во недела и за празници. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека со предлогот е предвидено додатокот на плата за работа во недела и празници да изнесува најмалку 100 проценти за секој час на работа во недела и празници. За трговските субјекти кои ќе работат во недела и на празници е утврден надоместок во висина од 2 отсто од вкупниот приход остварен претходната година во недела и за празници. Тие средства ќе се инвестираат во детски градинки.

-Во делот на трговијата во недела ќе може да работат специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Ќе можат да работат и продавниците на бензинските станици, киосците и штандовите во трговските центри кои ќе работат само во една смена од 10 до 18 часот, штандовите и киосците каде се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали, манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографските дела. Ќе работат и продавници во трговијата на мало за храна, пијалаци и тутун во кои трговијата ја врши лично само сопственикот на продавницата, како и зелените пазари, истакна Бектеши.


Слично

Поврзани вести