Работи ли „Макпетрол“ само за банките и за ОИЛКО?
Компанијата продала повеќе тони деривати, но добила помал приход за што ја обвинува Регулаторна комисија за кратење на износот на дополнителната маржа. Зголеменото количество продадени деривати е логично објаснување за зголемените приходи од транспорт на ОИЛКО. Од друга страна „Макпетрол“, според паричниот тек вратил 55,79 милиони евра кредити и се задолжил за 46,8 милиони евра. За половина година, според менаџерите платил камати во вредност од еден милион евра. Како опстојува една од најголемите компании? Работи ли само за банките и за ОИЛКО?
„Макпетрол“ најголемата домашна компанија за малопродажба на нафтени деривати во првата половина од годинава книжи загуба од 243,4 милиони денари (околу 4 милиони евра) што е повеќе од двојно повеќе од истиот период лани, но е само 37 милиони денари повеќе од првиот квартал годинава. По овој параметар излегува дека „Макпетрол“ здраво заглавил во првите три месеци годинава и дека до некаде успеал да се консолидира во второто тромесечје, но продолжил да ја зголемува загубата од своето работење.
„Макпетрол“ во првата половина од годинава продал околу 29.000 тони нафтени деривати повеќе од истиот период лани, но неговата загуба е повеќе од двојно повисока од ланската кога продал за 19 отсто помалку деривати во однос на годинава. Менаџерите на „Макпетрол“ во своето образложение главен виновник за загубата наоѓаат во Регулаторната комисија за енергетика која го намалила износот на дополнителната маржа за 167,8 милиони денари што пак е резултат на лошиот сооднос меѓу реалните и пропишаните цени на дериватите. Значи според нив РКЕ го оштетила „Макпетрол“. А дали досега компанијата реагирала? Не сме забележале јавна реакција од „Макпетрол“, а ниту од неговиот конкурент „Лукоил“? Дали „Макпетрол“ превзел нешто да се заштити од „агресијата“ на РКЕ? Не е познато...
Продажбата на горива расте, а приходите паѓаат!
„Макпетрол“ за половина година на домашниот пазар остварил приходи од продажба во износ од 8,93 милијарди денари што е 8 отсто помалку од истиот период лани, кога се продадени за 19 отсто помалку нафтени деривати на бензинските пумпи на „Макпетрол“. Домашниот пазар апсорбирал најголем дел од продадените горива. Нивната вредност за првите шест месеци е 8,542 милијарди денари и тие се пониски за 10 отсто во однос на приходите лани односно за 14,66 милиони денари. Анализата на приходите од продажба по квартали на домашен пазар покажува дека „Макпетрол“ во периодот април-јуни продал деривати во вредност од 4,506 милијарди денари што е за 470 милиони денари повеќе од првиот квартал кога продал деривати во вредност од 4,036 милијарди денари.
За првиот квартал оперативните трошоци на „Макпетрол“ се 4,422 милијарди денари, а за вториот квартал тие пораснале за 267 милиони денари и изнесувале 4,689 милијарди денари. Но растот на приходи од продажби не бил доволен компанијата да излезе од минус. На крајот на јуни оперативните расходи се 9,111 милијарди денари , приходите од продажба се 8,934 милијарди денари, а загубата од оперативно работење изнесува 207,5 милиони денари. Негативната разлика меѓу финансиските приходи и финансиските расходи ја зголемува разликата и загубата за полугодието достигнува 243,4 милиони денари и во однос на лани е повисока за 133 милиони денари.
„Макпетрол“ за камати платил еден милион евра!
Од образложението на менаџерите кон финансиските извештаи, освен во лоцирање на вината во РКЕ, нерегулираното замешување на чист дизел со чист биодизел, трошоците за одржување на складовите за чување деривати кои треба, но заради одбивање на државата не ги дели и сам ги плаќа „Макпетрол“, се доаѓа и до податокот дека компанијата за шест месеци платила еден милион евра за камати. Иако има значаен раст на каматите во споредба со лани, сепак и менаџерите констатираат дека тоа е голем товар за компанијата. А зошто дошло до тоа да се чека само на кредити од банките? Ќе даде ли некој објаснување?
Воедно нема ниту збор за продуктивноста на трудот односно за бројот на вработени во компанијата. Ова е важно прашање особено што ставката за трошоци за вработени е 445 милиони денари и е втора по големина по набавната вредност на бензините. И дополнително и се зголемува значењето со оглед на тоа што компанијата продава стоки по регулирани цени за утврдена максимална трговска маржа. Или можеби се купува социјаен мир и вработените се гледаат пред се како вработени, а не и како акционери кои држат над 25 отсто од акциите на „Макпетрол“.
Р.Ф.
Слично
