Работеше и за време на опсадата, но по 140 години се затвора Фабриката за тутун Сараево
Пропадна Фабриката за тутун Сараево која е основана пред 140 години и таа ќе престане да работи на крајот од март.
Тоа е одлука донесена од Надзорниот одбор, со што ќе се стави крај на матниот процес на приватизацијата, потврдија од Синдикатот на тутунската индустрија на БиХ, објави Хина.
Претседателот на синдикатот Мехмед Авдагиќ денеска за медиумите во БиХ потврди дека работниците на ФДС го информирале дека надзорниот одбор во јануари донел одлука за ликвидација на фабриката. Вели дека никој не одговорил на бројните предупредувања дека ФДС пропаѓа од 2016 година, кога виенската Адриатик инвестментс, која беше партнер со Бритиш Американ Тобако (БАТ), купи контролен пакет од 40 отсто од акциите на владата на Федерацијата БиХ по цена нешто повисока од 20 милиони евра.
Потоа, од ФДС беше формирана нова компанија наречена Бадеко Адриа, по што следеше откуп на акции во сопственост на мали акционери и низа комплицирани трансакции кои доведоа до колапс на производството. Највредните марки на цигари како што е легендарната сараевска Дрина или поновата Аура се продадени, а дел од овие цигари сега се произведуваат и пакуваат во градот Ровињ.
ФДС беше првиот производител на цигари Марлборо во поранешна Југославија и еден од лидерите во тутунската индустрија во тоа време. Таа не престана со работа ниту за време на опсадата на Сараево, а сега околу 150 работници ќе останат без работа. Имотот е вреден стотици милиони евра.Во медиумите пред неколку години имаше податок дека цигари од оваа фабрика се шверцувани во Либија.
