РАБОТЕЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА, НО И ВО СТРАНСТВО: Ги прашавме каде биле попродуктивни
Секогаш кога синдикатите во земјава бараат повисоки плати, работодавачите се жалат на ниска продуктивност, а од синдикатот на ова враќаат дека нашите работници се продуктивни во странство, но за повисоки плати. Работниците кои работеле во странство, ги прашавме каде биле попродуктивни, дома или во друга земја.
„Јас работев во Италија. Таму имаше повисоки плати, ама и сега тука платите не се толку мали, зависи каде работите. И таму ако сака некој може да забошотува. И таму и овде јас работев исто“, вели тетовец.
Работниците објаснуваат дека кој, колку ќе биде продуктивен овде или во странство зависи од карактерот и навиките.
„Секаде бев продуктивен, и тука и во странство. Сум работел во Австрија, Швајцарија, Словенија, Германија, Холандија. Тоа си зависи од индивидуата, лично од работникот, независно колку е платата. Тоа е работа на карактер, барем за мене. И моите деца така ги имам воспитано. Знам и многу занаетчии што се продуктивни и одговорни и тука“, вели друг соговорник кој работел во повеќе држави.
Работниците додаваат дека тврдењето за ниска продуктивност е тоа што земјава ќе ја остави без кадар.
„Исто сум работел и тука и во странство. Дури на некои места во странство имало и помал обем на работа, помалку работни денови, подобра организација, помал притисок, а платата била минимум двојно повисока. Атмосферата таму била подобра, го нема тој притисок како овде“, рече Диме З. кој работел во европска земја.
Работниците кои искусиле работа во странство, велат дека таму има повеќе предности, односно поретко или воопшто не се соочувале со токсична работна атмосфера и тоа им било мотив да си ги завршат обврските онака како што треба.
„Сум работел и тука и во странство. Колку што работев тука, приближно исто време од работниот век поминав и во странство. Во две – три земји во Европа имам работено. Таму бев попродуктивен, поорганизирано е, од вечер ги добивавме обврските за утредента. Сум имал работа и таму, но работното време ми беше исполнето максимално. Овде сум останувал и прекувремено поради лошата комуникација, плус имало и луѓе со врски, и нивната работа требало друг да ја покрие, а таму тоа го нема. Овде ми беше постресно за работа, поради врските, непотизмот, за секоја ситница имало нервози. Втора работа е тоа што платата таму секогаш се исплаќа навреме и тука нема што да мислам и да се нервирам“, вели Пеце Д. кој работел на Запад.
Од земјите во регионот, Македонија има најниски минимални и просечни плати. Од Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) бараат зголемување на сите плати, не само на минималната, инаку ќе има протести, а можен е и генерален штрајк. ССМ бара минималец од 600 евра, а сите други плати да се зголемат за 100 евра. Според податоците на СДСМ, околу 40.000 граѓани во земјава живеат со минимална плата. Минималната плата во Македонија во моментов е 24.380 денари.
Сања Атанасовска