Економија, финансии, бизнис

Контакт

Работата на продуктоводот Солун-Скопје не е официјално започната, но Македонија може да наплати 10-тина милиони евра

Работата на продуктоводот Солун-Скопје не е официјално започната, но Македонија може да наплати 10-тина милиони евра

По вчерашната информација дека на 31 декември 2025 година повторно е пуштен во функција продуктоводот Солун–Скопје, а првата пратка дизел веќе е испорачана по 13 години неактивност, откако системот беше надвор од употреба од 2013 година, директорот на АД Нафтовод, Радован Милососки, вели дека не станува збор за почеток на работата.

Тој тврди дека информациите од Грција се погрешно интерпретирани и дека направено е само полнење на цевките, а во тек е инсталирање на 18-тина вентили кои треба да помогнат на граничниот премин да се мери прецизно протокот на количество на нафта на Хеленик Петролеум.

- Официјалниот почеток на работењето на продуктоводот очекувам да се случи на крајот на месецов со присуство на претставници од македонскиот и грчкиот државен врв, како и од самиот Хеленик Петролеум. Надминати се сите технички пречки и очекувам тоа да биде стратешки многу значаен почеток за нашата земја и за соседството со оглед на тоа какви се сега геополитичките збиднувања, ни изјави Милососки.

АД Нафтовод е претпријатието основано од државата кое што има удел од 20 отсто од АД Вардакс, компанијата која ќе стопанисува со продуктоводот, а останатите 80 прценти му припаѓаат на Хеленик Петролеум. Досега АД Вардакс и АД Нафтовод остваруваа годишни приходи колку да останат функционални.

Се очекува годишно да се пренесуваат до 3 милиони метри кубни нафта и други горива. Владата минатиот месец одреди дека цената на пренесен метар кубен како услуга ќе биде 20,07 евра. Тоа значи заработка и до потенцијани 60 милиони евра. Со оглед на тоа дека Македонија има една петтина од уделот преку АД Нафтовод, државата може да оствари годишни приходи од над 10 милиони евра за себе.

Нафтоводот може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин). Активирањето на нафтоводот треба да донесе повеќекратни придобивки, кои не се само економски, посебно кога има прекини на железничкиот сообраќај.

Во техничка смисла, станува збор за линија долга околу 213 километри, од кои приближно 70 километри се на грчка територија. Работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Македонија, туку и кон соседните пазари како Косово, јужна Србија и Бугарија.

А.К.



Слично

Поврзани вести