Работата ли го разболе Зоран Ставрески?
Замина човекот што исклучително успешно ги менаџираше јавните задолжувања, успешно ги зголемуваше буџетските приходи и исплатите на буџетските расходи. Други ќе го паметат по бламажата со Субрата Рој и фамозниот 24 декември. Факт е дека секогаш знаеше да најде пари. Од тоа ли се разболе?
Строг и прецизен, секогаш подготвен и полн со знаење, но и нестрплив, нетолерантен, напати арогантен, дури и агресивен и дрзок. Човек што воопшто не се штедел самиот себе, а уште помалку ги штедел тие околу него. Влезе во извршната власт на покана на тогашниот премиер Никола Груевски, во летото 2006 година како вицепремиер. Во летото 2009 година го замени Трајко Славески, стана министер за финансии и таа позиција ја држеше до сега безмалку 7 години.
Зоран Ставрески, министер за финансии, претходно претставник на Македонија во седиштето на Светска банка во Вашингтон во САД. Човек по многу работи уникатен во македонската политика. По начинот на кој ја практикуваше извршната власт. Човек што на својствен начин ја практикуваше и партиската работа на терен во периодите кога ја координираше работата во изборни циклуси. Строг и дрзок, но принципиелен. Зоран Ставрески човек што во македонската политика влезе како експерт, па стана кум на премиерот Груевски, долго време беше негова десна рака и лут ривал со Владимир Пешевски.
Прашањето е после се што се случи: привлечени инвестиции, кредитни аранжмани, трашни, задолжувања, роад –шоуа, но и по трагикомичниот спектакл со Субрата Рој, настаните од 24 декември во собраниската сала, дали човекот што влезе како експерт, а беше и партиски комесар и магионичар за претурање по билансните ставки, доби или изгуби од пловењето низ македонската политичка сцена. Некој веројатно ќе го памети и по проектот „Купи куќа купи стан“ за чие значење ќе сведочи времето. Ставрески во својата кариера ќе остане запаметен како единствен човек од опкружувањето на Груевски што имал „петља“ да му се спротивстави, но никогаш тоа не го направил јавно.
Тоа го дознавме од снимките што беа пласирани во јавноста. Ќе остане запаметен и како човек во чие време јавниот долг значајно пораснал и кој за тоа не сакал да збори ниту да го признае. Но и како човек што успеа да направи реалокација на многу повеќе пари преку буџетот во македонската економија од порано. Како и за што се трошеле тие пари тоа е друго прашање. Човек што секогаш наоѓал начин да ги менаџира јавните пари, што знаел да најде пари за зголемените потреби на корисниците на буџетот. Човек што знаел да ги користи и употребува механизмите на задолжувањето за буџетските потреби. Човек што знаел да стави ред и да ги води владините седници без „пиле да писне“ во моментите кога премиерот службено отсуствувал. Секако ќе остане запаметен и како единствениот министер што заминал заради здравствени причини, дал оставка и таа му била прифатена. Еден од првите што никогаш не бил дел од идеолошката матрица на ВМРО-ДПМНЕ, кого старите врмовци не го сакале, а новите му се плашеле.
Во време на Ставрески, беше променет и законот со кој задолжителните пензиски пензиски фондови изгубија право да вложуваат надвор од земјава и тие мораа да продадат еврообврзница пред доспевање и парите да ги вложат во домашни финансиски инструменти тогаш издадени од Министерството за финансии. Нема да лицитираме, но се работеше за големи пари. Фондовите манлку бунтуваа, но си легнаа на брашното. Тогаш законските измени ги предложи ресорот за труд и социјала, но многумина се убедени дека мозок на операцијата беше „дечкото по финансиите“. За некои неговата најголема црна дамка е учеството во настаните од 24 декември кога опозицијата беше изнесена од пленарната седница и беше усвоен буџетот за следната година.
Беше цајтнот, а нервозата беше очевидна на лицето на министерот за финансии и ќе останат запаметени неговите гестикулации снимени додека беа „евакуирани“ опозициските пратеници. Голем и тежок е багажот на поранешниот министер за финансии следствено на товарот и стресот од таа позиција. Упатените велат дека иако бил тежок за соработка во ресорот имал способен тим и бил правичен и коректен. Сигурно дека правел и корисни и убави работи. Но времето ќе покаже што ќе биде запаметено од сето она што било сработено.
