Економија, финансии, бизнис

Контакт

Работат во државна комисија, но два месеци не зеле плата

Работат во државна комисија, но два месеци не зеле плата

Вработените од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка информираат дека два месеци не земале плата, во институцијата не се плаќаат сметките за струја, вода и другите режиски трошоци, а не се подмирени ниту обрските кон државата, затоа што претседателот и членовите од претходниот состав се разрешени, а на нивно место не се именувани други лица.

– Со разрешувањето на претседателот и членовите од претходниот состав на Државната комисија и неименувањето на нов состав на комисијата, вработените во стручната служба на комисијата веќе два месеци немаат земено плата и целокупната работа и функционирање на Државната комисија е во застој, со што се засегнати и граѓаните на Република Македонија. На претседателот и на членовите мандатот им престана на 19.03.2018 година со одлука на Собранието на Република Македонија. Најголем број од вработените имаат кредитни обврски спрема банките и застојот во исплатата на платата веќе два месеци, а можеби тоа ќе трае и повеќе месеци и ќе се одрази врз нивната економска состојба. Ова од причина што со неисплатената плата ќе има и неисплатена рата/рати за кои банките дополнително ќе пресметуваат затезна камата.

– Исто така и здравственото осигурување за сите вработени во Државната комисија истече на 30.04.2018 година и со тоа од 01.05.2018 година не може да се оствари правото на лекување и земање на лекови од аптеките на сметка на Фондот за здравствено осигурување, што предизвикува дополнителен трошок и проблем за сите вработени. Поголем дел од вработените секојдневно патуваат од Гостивар, Кочани, Тетово, Куманово, Илинден и во случај да не им се исплаќа редовно плата нема да бидат во можност да го финансираат својот превоз до Скопје и назад, се вели во писмото испратено до медиумите.

Вработените информираат и дека од Управата за јавни приходи добиле опомена поради неплатените придонеси од задолжително социјално осигурување, персонален данок и нето плата по поднесената МПИН пресметка во износ од 1.547.777,00 денари.


Слично

Поврзани вести