Путин и Ердоган стиснаа рака, „Турски поток“ ќе има!
Турција изрази подготвеност да ги обезбеди испораките на руски природен гас за Европа преку гасоводот „Турски поток“. Ова го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес-конференција со својот руски колега и домаќин Владимир Путин. Проектот „Турски поток“ ќе биде реализиран. Заедно со нашите засегнати министерства и сектори ќе ги преземеме неопходните чекори за да обезбедиме испорака на руски природен гас за Европа по овој гасовод“, истакнал Ердоган. Реализацијата на проектот „Турски поток“ во делот за гас во Турција не подлежи на сомнеж. Ова го изјави од своја страна рускиот претседател Владимир Путин, посочува ТАСС.
Енергетските прашања
„Ние детално го разгледуваме „Турски поток“ дури не како алтернатива на „Јужниот поток“, туку како можност за проширување на нашата соработка во гасната сфера и со Турција, и со Европа. Еден дел од „Турски поток“ се предвидуваше исклучиво за внатрешни потреби на Турција ... Ние денес за тоа и разговаравме дека овој дел воопшто не подлежи на сомнеж и неговата реализација може да започне во најблиско време“, посочи Путин . Стана јасно и дека изградбата на првата делница од гасоводниот систем „Турски поток“ може да заврши во втората половина на 2019 година, изјави рускиот министер за енергетика Александар Новак, пишуваат светски медиуми. Истовремено со тоа, тој истакнал дека без европски гаранции може да се зборува за изградба на само една делница од „Турски поток“. Новак истакна дека прашањето за попуст во цената на природниот гас во случај на реализација на „Турски поток“ не е разговарано. Турција има намера да обезбеди статус на „стратешка инвестиција“ на проектот за нуклеарната централа „Акјују“. „Подготвени сме да обезбедиме статус на стратешка инвестиција на проектот „ Акјују“.
„По ова прашање сме постигнале договор“, рекол турскиот претседател. Турската страна има преземено одредени политички одлуки за продолжување на работата на изградбата на нуклеарката „Акјују“ и гасоводот „Турски поток“, изјави за возврат рускиот претседател Владимир Путин. Тој истакна дека на денешната средба се разгледувале големите проекти во енергетската област, продолжувањето на работата врз нив ќе „бара и конкретни политички одлуки“.
„Впрочем, ќе истакнам дека одредени решенија, за кои ние зборувавме претходно, веќе се земени од турската страна на голем број на големи проекти - на пример, изградба на нуклеарната централа „Акјују“ и гасоводниот систем „Турски поток“, рече господарот на Кремљ.
Новите односи Русија-Турција
И Русија и Турција имаат желба да ги подигнат билатералните односи на ново ниво, изјави Ердоган. „Двете земји имаат желба да се воздигнат нашите односи на нивото пред кризата и дури на уште повисоко ниво. Имаме политичка волја за тоа“, истакна турскиот претседател. Русија и Турција имаат заедничко разбирање за прашањата на борбата против тероризмот, изјави рускиот претседател Вадимир Путин. Русија има намера постепено да ги отстранува ограничувањата за турските компании, рече Путин, кој ги оцени преговорите со Ердоган како конструктивни и важни за двете страни. Ембаргото на храна спрема Турција веројатно може да биде укинато до крајот на годината. Тоа пак го прогнозира рускиот министер за економија Алексеј Улокаев, кој учествуваше на руско-турскиот дијалог на претседателите Путин и Ердоган во Санкт Петербург. Според него Русија треба да се убеди дека квалитетот на турските производи одговара на барањата.
