Економија, финансии, бизнис

Контакт

Путин и Баросо му честитаа на Иванов на изборот за претседател

Путин и Баросо му честитаа на Иванов на изборот за претседател
Повеќе светски лидери испратија честитки до претседателот Ѓорге Иванов, по повод неговиот реизбор на претседателската функција, објави Кабинетот на шефот на државата, ден по инаугурацијата на Иванов за вториот претседателски мандат. Во име на Европската комисија и во лично име честитки упатил претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо. „Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси. Добрососедските односи, вклучувајќи ги и преговорите за заеднички прифатливо решение за спорот со името, остануваат од суштинско значење. Ви посакувам успеси како Претседател во справување со предизвиците и исполнување на европските аспирации на Вашата земја, а во интерес на сите граѓани“, стои во писмото од Баросо. Честитки за реизборот на претседателот Иванов пристигнале и од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. „Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија“, стои во писмото упатено од претседателот Путин. „Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава внатре во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот правилен пат, кој на Вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат“, стои во честитката од претседателот на Сојузна Република Германија Јоахим Гаук. Во име на турскиот народ реизоборот на Иванов му го честитал и претседателот на Турција Абдула Ѓул. „Поради Вашиот удел прикажан во односите со Турција за време на Вашиот прв мандат како Претседател, нашата соработка чија што сила доаѓа од историската, човечката и културната врска има достигнато голем напредок“, стои во писмото од Ѓул, кој воедно изразил очекување за натамошно продлабочување на меѓусебните односи. Писмо со честитка по повод реизборот на претседателот Иванов упатил и претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев. „Република Бугарија во Република Македонија гледа близок сосед и партнер, чијашто иднина е во заедничкото европско семејство. Се надевам дека под ваше раководство ќе биде даден нов импулс на напорите за интегрирање на Вашата земја во европските и евро-атлантските структури. Убеден сум дека односите на нашите две земји треба да се развиваат врз основите на европските вредности и стандарди за добрососедство и соработка“, пишува претседателот Плевнелиев. Реизборот на Иванов му го честитале и претседателите на Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Литванија, Словенија Честитки за вториот мандат на претседателот Иванов упати и претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ. „Убеден сум дека со Вашиот реизбор ќе придонесете за уште посилни односи и уште посодржајна соработка особено на полињата на културата и економијата меѓу нашите народи и држави. Искрено се надевам на продолжување на нашата соработка и пријателство“, стои во писмото од хрватскиот претседател. „Унапредувањето на добрососедските односи меѓу нашите две земји ќе претставува дополнителен поттик на натамошното јакнење на соработката, стабилноста и просперитетот во регионот, како и продолжување на процесите на европска интеграција“, пишува во својата честитка српскиот претседател Томислав Николиќ. Повторната победа на претседателските избори на претседателот Иванов, во телефонски разговор му ја честитал и претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ. Тој изразил задоволство од традиционално блиските односи меѓу двете држави, како на политички така и на економски план, и уверување дека во иднина соработката меѓу двете земји ќе се продлабочува во сите области од заемен интерес.
Слично

Поврзани вести