Пуштена една плата, сопрен штрајкот на Колска
Откако на вработените во Фабриката за шински возила Колска од Велес им е исплатена една од заостанатите плати Синдикатот на работниците денеска реши да го стопира едномесечниот штрајк и да не ги блокира возовите на Железничка станица.
Според претседателот на синдикатот на Kолска Слободан Димитриевски со посредство на Владата им било ветено дека ќе ги добијат и останатите пет плати за годинава, како и здравствено осигурување.
Димитриевски рече дека преговарале и со раководниот тим на ЈП Македонски железници кој треба да им го исплати преостанатиот долг од 6,7 милиони денари за поправката на товарните и патничките вагони.
Тој информира и дека од денеска сите 131 вработен се на двонеделен колективен одмор. Очекуваат да им се реши статусот на фирмата, како што вети Владата.
Колска во најголем дел е во државна сопственост. Вработените со оглед на работата што ја извршуваат – поправка на теретни и патнички вагони, години наназад бараат надлежните да ги припојат кон ЈП Македонски Железници.
