Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пуштањето на нафтоводот и донесе огромна добивка на ОКТА на почетокот на 2026, простор имаше и за попусти

Пуштањето на нафтоводот и донесе огромна добивка на ОКТА на почетокот на 2026, простор имаше и за попусти

Пуштањето на нафтоводот Солун - Скопје во употреба во првиот месец од годината, големите залихи складирани пред почетокот на конфликтот со Иран и зголемениот извоз надвор од земјата и донесоа на ОКТА огромна добивка во првото тримесечие од 2026.

Според кварталниот извештај за работењето во првите три месеци од оваа година, што ОКТА го достави до Македонска берза, растот на добивката е за дури 912 отсто споредено прв квартал 2026 со прв квартал 2025. Остварената нето добивка за првите три месеци  изнесува околу 16 милиони евра, а во таква ситуација простор имало и за попуст на цените на горивата кој започна од средината на март со конфликтот во Иран.

„Со цел дополнително унапредување на логистичката флексибилност и оперативната отпорност, компанијата ги прошири своите транспортни капацитети преку користење на продуктоводот за испораки на дизел. Вкупниот обем на продажба во првиот квартал од 2026 година изнесуваше 334 илјади м³, што претставува зголемување од 35% споредено со истиот период лани, поттикнато од силната извозна активност, зголемената достапност на производите и подобрената логистичка флексибилност, вклучувајќи го тука и користењето на продуктоводот, во рамките на регионално пазарно опкружување кое се карактеризира со построги услови за снабдување. 

Извозот сочинуваше приближно 25% од вкупниот обем на продажба, што ја одразува способноста на компанијата да ја искористи својата стабилност во снабдувањето и логистиката за ефикасно да одговори на побарувачката на соседните пазари. Повисокиот обем на продажба ѝ одеше во прилог на бруто профитабилноста во првиот квартал од 2026 година, додека ефектите од вреднувањето на залихите што произлегоа од галопирањето на меѓународните цени на горивата во текот на периодот исто така влијаеја на објавените резултати. Оперативните трошоци се зголемија за 15% на годишно ниво, главно одразувајќи привремени фактори водени од активноста, додека компанијата продолжи строго да ја контролира основната трошковна база“, објави најголемиот увозник на горива во Македонија.

Продажбата е зголемена за дури 44 отсто кога ќе се споредат периодите на годишно ниво и изнесува 200 милиони евра. Од ОКТА велат дека не бил заборавен моментот на општествена одговорност.

„“Во услови на постојана нестабилност на меѓународните цени на горивата, ОКТА презеде таргетирани мерки за поддршка на стабилноста на пазарот и заштита на континуитетот на снабдувањето. Во март 2026 година, компанијата воведе доброволна привремена програма за попуст на дизел и бензин за трговци на големо и мало, која потоа беше продолжена до крајот на април. Иницијативата го одрази проактивниот пристап на ОКТА кон поддршка на пазарот во стресни времиња, истовремено зачувувајќи целосна автономија врз цените за трговците и овозможувајќи бенефит за крајните потрошувачи“, објавено е на Македоноска берза.

А.К.

Слично

Поврзани вести