Пукна тиквата во Фершпед: Штерјо Наков и Кираца Трајковска во финална битка за преземање на компанијата!
Врие во Фершпед. Кираца Трајковска, која е потпретседател на Надзорниот одбор и акционер во компанијата се сврте против Штерјо Наков. Трајковска денеска преку писмено соопштение јавно ги облодени проблемите во компанијата, и несогласувањата со Наков.
Во писменото обраќање, Кираца Трајковска наведува дека пред неколку дена до Управниот одобор поднела барање за вонредно Собрание на акционери на Фершпед.
„Вонредното собрание на акционери го поднесов поради негативниот тренд во работењето и своевидното нестручно и незаконско работење на одредени членови на Управниот и Надзорниот одбор, за да се сопре процесот на континуирана пресија врз вработените, неосновано казнување, како и да се создадат услови на здрава и нормална работна средина со цел да се зачува имотот на Друштвото и лично да се изземам од одговорноста пред акционерите и Законот за негативните трендови, состојби и дејствија во Друштвото, на кои веќе подолг временски период укажував, пишува Трајковска.
Веднаш по барањето за вонредно собрание на акционери, Трајковска тврди дека изминативе три дена членовите на Управниот одбор, поедини членови на Надзорниот одбор, како и раководители на сектори, чии имиња јавно ќе бидат објавени, во интерес на Штерјо Наков и Драган Наков почнале да вршат невиден притисок врз акционерите кои се вработени во Фершпед АД и врз акционерите кои се пензионирани од Фершпед АД.
„По јавување на поедини акционери дека и денес (на 01.12.2013 во недела) им се прави притисок да дојдат во седиштето на Фершпед АД за да потпишуваат бланко полномошна, отидов да направам увид, но ми беше забранет влез во службените простории, објаснува Трајковска и додава дека притисокот го прават на начин што со различни закани и дезинформирања ги принудуваат споменатите акционери да потпишуваат бланко полномошна за застапување на нивни интереси на вонредното Собрание на акционери, за кое не е закажано ниту место, ниту време на одржување, ниту постои јавна објава со дневен ред.
Понатаму, Трајковска посочува дека потпишување на полномошна и изјави за дадени полномошна без датум на давање на полномошното, како и без датум на одржување на вонредното собрание во две верзии со две различни места на одржување (Скопје и Охрид) е противзаконско дејствие, поради што како што изјави за порталот Нова, веќе го пријавила Наков и во полиција.
Противзаконски е и тоа што ополномоштени лица се директори и раководители во Фершпед АД чии имиња јавно ќе бидат објавени.
„Јавно ги повикувам сите акционери на Фершпед АД Скопје да не подлегнуваат на вакви незаконски притисоци и манипулации, туку да го искористат своето законско право лично да присуствуваат на побараното вонредното собрание и да гласаат по сопствено лично убедување по точките од дневниот ред кој ќе биде јавно објавен. Јавно ги информирам акционерите на Фершпед АД кои под притисок веќе ги потпишале овие незаконски бланко полномошна, дека истите можат по писмен пат еднострано да ги отповикаат согласно Законот за трговски друштва, член 392, точка 6.
Време е сите акционери да ја преземат судбината на Фершпед АД во свои раце и да стават крај на незаконското семејно управување на Накови со Фершпед АД, завршува во писменото соопштение Трајковска.
Слично
