Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ГО ПРОШИРУВА БИЗНИСОТ - компанијата на Јахоски поднела барање за менување на лиценцата, големите складишта во Кисела Вода влегуваат во игра

„ПУЦКО ПЕТРОЛ“ ГО ПРОШИРУВА БИЗНИСОТ - компанијата на Јахоски поднела барање за менување на лиценцата, големите складишта во Кисела Вода влегуваат во игра

Конечно се дозна зошто нафтениот трговец „Пуцко Петрол“ регистрираше подружница во скопската населба Кисела Вода, која треба да работи во форма на складиште на големо, а за која компанијата своевремено кога се изврши регистрацијата, не сакаше да дава премногу детали за јавноста.

Компанијата на бизнисменот Асмир Јахоски, пред неколку дена поднела барање до Регулаторната комисија за енергетика за менување на нејзината лиценца за вршење на енергетската дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогоирива и горива за трансппорт. Информацијата е објавена на веб страницата на РКЕ, а таа говори дека Јахоски има намера значително да го прошири својот бнизнис со нафтени деривати, со оглед на тоа што новите негови складишта во Кисела Вода ќе имаат многу поголем капацитет од оние со кои досега располагаше во општината Пласница.

„Друштвото за производство, трговија и услуги ПУЦКО ПЕТРОЛ увоз-извоз ДООЕЛ с.Пласница, на 13 октомври 2022 година до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги поднесе Барање за менување на лиценца за вршење на енергетска дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт. Друштвото побара менување на лиценцата поради зголемување на капацитетите со кои се врши дејноста со уште три надземни резервоари, од кои еден резервоар од 1002 m3 за трговија со екстра лесно, еден резервоар од 1002 m3 за трговија со еуросупер БС-95 и еден резервоар од 705 m3 за трговија со еуродизел, сите со имотен лист во Кисела Вода“, се вели во соопштението од Регулаторната комисија за енергетика.

А, она што треба да се наведе е дека пред година и половина, Регулаторната комисија за енергетика и ја продолжи лиценцата на „Пуцко Петрол“ за вршење на трговија на големо со нафтени деривати. Таа одлука РКЕ ја донесе во март 2021 година.  

„Лиценцата за вршење на енергетска дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати биогорива и горива за транспорт -Трговија на големо со Екстра лесно масло за домаќинства, Еуродизел БС, Еуросупер БС 98 и Еуросупер БС 95 издадена на Друштвото ПУЦКО ПЕТРОЛ, со Одлука за издавање на лиценца, се продолжува“, се наведуваше во тогашното соопштение од РКЕ.

Оттаму тогаш објасниле дека продолжувањето на лиценцата се врши по барање на носителот  на лиценцата, Пуцко, при што таа беше продолжена за период од 10 години.  

„Носителот на лиценцата е должен до 31 декември 2022 година да го  усогласи капацитетот на објектите за складирање со одредбите на Правилникот за условите за евидентирање на количините и потребниот капацитет на објектите за складирање, и да поднесе барање за менување на лиценцата. Во случај на неисполнување на оваа обврска во утврдениот рок, РКЕ ќе донесе одлука за одземање на лиценцата“, навеле тогаш регулаторите.

Ова значи дека Пуцко практично ги проширува капацитетите за складирање, нешто што лани му било побарано од РКЕ, и за што му бил даден рок до крајот на оваа година.  

Во своето обрзаложение тогаш зошто ја продолжиле лиценцата, од РКЕ објаснуваат дека друштвото го доставило Барањето и потребната документација од Правилникот за лиценци, како и дека го комплетирало барањето на први март лани.

„Со оглед на тоа што по укинувањето на вонредната состојба, во земјава сеуште постои пандемија од заразна болест, а во интерес на зачувување на здравјето на странките, РКЕ, со Решение од 11 март 2021 година, одлучи да се одржи седница за донесување на оваа одлука без одржување на подготвителна седница. РКЕ на 11 март 2021 година одржа седница на која врз основа на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, донесе Одлука за продолжување на лиценцата“, објасниле тогаш од комисијата.

А, Фактор, пред околу еден месец пишуваше дека „Пуцко петрол“ регистрираше подружница во Кисела Вода, која ќе работи во форма на складиште на големо, наменето за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи. Таа информација беше објавена во Централниот регистар.

Фактор тогаш ја праша компанијата зошто се регистрира ова складиште, колкаво ќе биде, која е прецизната локација, и дали неговата регистрација има врска со големата енергетска криза во земјава, па заради тоа компанијата го проширува обемот на работење. Од „Пуцко петрол“ тогаш не сакаа многу да зборуваат на оваа тема, со образложение дека станувало збор за стари складишта кои компанијата ги има од поодамна, и затоа нема што ново да и се соопшти на јавноста. 

Инаку, складиштето се наоѓа на улицата „Првомајска“, а како овластено лице беше именувана Божанка Грозданова.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести