Птичиј грип – причина за можна забрана за увоз на пилешко месо од Холандија
После вчерашните информации на холандските власти за откриен опасен вирус на птичиј грип, Агенцијата за храна и ветеринарство денеска ќе соопшти дали ќе биде воведена забрана за увоз на пилешко месо од Холандија.
Зоран Поповски, директорот на Агенцијата на средбата со новинарите изјави дека будно ја следат состојбата, но и препораките од Европската комисија.
– Ќе ги преземеме сите неопходни мерки, има план за постапување со авијарна инфлуенца. Попладнево ќе се знае сигурно дали ќе воведеме забрана за увоз на пилешко месо од Холандија. Најпрво ќе ги почекаме препораките од ЕК што треба да бидат донесени денеска, рекол Поповски.
Европската комисија денеска треба да донесе одлука за итни времени превентивни мерки кои ќе ги опфаќаат зоните означени од холандските власти во кои се наоѓаат живинарските фарми од кои ќе биде забранета продажба на секакви пилешки производи во други земји-членки на ЕУ и во трети земји.
Холандија во 2003 година беше погодена од вирусот Х7Н7 на птичјиот грип и тогаш беа уништени 30 милиони птици.
